среда, 30 октомври 2024

Фирми блиски на СДСМ и ДУИ го оштетиле МЕПСО за 14 милиони евра, обвини ВМРО-ДПМНЕ

Државниот завод за ревизија (ДЗР) констатира неправилности во работата на МЕПСО, кога во 2021 година неколку фирми трговци со струја направиле долг кон МЕПСО од 14 милиони евра. Сите фирми се блиски до СДСМ и ДУИ, една од нив У Павер и е во сопственост на синот на Муса Џафери, пишува во денешното партиско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ. Според Извештајот на ДЗР објавен во март 2023 година, меѓу другото пишува дека во периодот од август до декември 2021 година, по предизвикани дебаланси на електрична енергија од страна на фирми трговци со струја, МЕПСО евидентриал долгови по оваа основа, како и долгови за казни и штети претрпени поради прекин на испорака на договорени количини на струја. Министерството за транспорт и врски денеска објави дека МЕПСО доби нови управувачки органи.

Објавено на

часот

Сподели

Според ВМРО-ДПМНЕ тогашното раководство на МЕПСО прво носи решение за отплата на долгот на рати, за потоа истиот да го отпише.

„МЕПСО со СДС и ДУИ отпиша 14 милиони евра долгови на фирми трговци со струја, меѓу кои и на синот на Муса Џафери. 14 милиони евра е штетата која СДС и ДУИ ја направија врз македонскиот енергетски преносен оператор. СДС и ДУИ го користеа и МЕПСО и ЕСМ за правење на милионски бизниси. Од синот ма Муса Џафери, внуците на Али Ахмети Дрин и Бесијан, преку Зоран Заев, Вице Заев, Венко Филипче и Димитар Ковачевски, нема човек од раководството на овие две партии кои не влегоа во енергетскиот бизнис и не свртеа милиони во време на владата на СДС и ДУИ од 2017 до 2024. И во СДС и во ДУИ се свесни дека следува одговорност. Многу добро знаат што правеле, затоа и паниката е голема, а одговорност ќе има“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според Извештајот на ДЗР објавен во март 2023 година, а се однесува на финансиското работење на МЕПСО во 2021 година и репрограмирање на долговите на фирмите заклучно со 16 декември 2022 година меѓу другото пишува дека во периодот од август до декември 2021 година, по предизвикани дебаланси  на електричната енергија од страна на фирми трговци со струја, МЕПСО евидентриал долгови по оваа основа, како и долгови за казни и штети претрпени поради прекин на испорака на договорени количини на струја.

„Доставените фактури до четири трговци за електрична енергија, се однесуваат на побарувања во вкупен износ од 930.115 илјади денари, кои според надлежните во секторот за финансиски работи не можат да се наплатат. Во 2022 година од овие отпишани побарувања наплатени се 75.463 илјади денари кои се искажани како приход. Во услови кога се забележани тешкотии во наплатата на побарувањата, секторот за финансиски работи доставил барање до Управниот одбор (УО) на МЕПСО со предлог за нивна резервација. Со Одлука од УО побарувањата биле резервирани, за што соодветно се евидентирани трошоци и извршен е отпис по пат на исправка на вредноста и истите се искажани како непризнаен расход во даночниот биланс“, се наведува во Извештајот на ДЗР.

Во одговорот на забелешките што тогашниот генерален директор Орхан Муртезани, актуелен министер за европски прашања, го испратил до ДЗР пишува дека причина за извршеното вредносно усогласување на побарувањата е да се прикаже реален финансиски резултат на крајот од годината, како и влијанието што може да го имаат врз висината на тарифата за пренос на електрична енергија.

Државниот завод за ревизија пак, во својот одговор до МЕПСО наведува дека со извршената ревизијата утврдил дека исправката на вредноста е спроведена на побарувања кои не се постари од една година, додека за оправданоста на наведената трансакција, не се презентирани релевантни докази и проценка за веројатноста на наплатливоста на побарувањето, што не е во согласност со сметководствени политики на МЕПСО и има влијание на  податоците во финансиските извештаи за 2021 година.

„Кон ова истакнуваме дека три од фактурите доставени до тројца трговци со електрична енергија, со вкупна вредност од 85.563 илјади денари, доспеваат за наплата на 8 март 2022 година, односно по датата кога е донесена Одлуката за резервирање на побарувањата.  Почнувајќи од декември 2021 година со дел од трговците за струја склучени се договори за репрограмирање на долговите со својство на извршна исправа и нивна соодветна наплата на рати, додека за дел од пристигнатите парични побарувања доставени се Решенија за извршување на нотарски платен налог или Барање за спроведување на извршување.

Поради вака констатираната состојба ДЗР му препорачала на МЕПСО за побарувањата од фирми за кои постои несигурност во однос на наплатата на долгот, да постапуваат во согласност со сметководствени политики на МЕПСО, а по претходно обезбедени докази и проценка за веројатноста на наплатата на долговите како и да продолжат со веќе преземените активности за наплата на побарувањата за кои се склучени договори за репрограмирање на долговите со трговците на струја и донесени решенија или барања за извршување.

Што се однесува до фирмата У Павер за која што обвинува ВМРО-ДПМНЕ, во документот до кој дојде МКД.мк се прикажани 12 сметки од 2021 година кои го покжауваат отстапувањето во испорака на струја и колку тоа го чинело МЕПСО.

Министерството за транспорт и врски како единствен акционер во МЕПСО информираше дека денеска за нов директор е назначен Бурим Љатифи, а за заменик директор Александар Пауноски. Назначени се и нови членови на Надзорниот и Управниот одбор на овој операторот на електропреносниот систем за пренос на струја. Нови членови на надзорниот одбор се Јован Лазарев, Зоран Тодоровски, Елизабета Гиовска, Симона Домазетовска Марковска, Агрон Рустеми, Звонко Бошков и Али Исмаиљ.

Новиот Надзорен одбор на вчерашната седница ги избрал и новите членови на Управниот одбор. Покрај директорот и заменик-директорот, нови членови на Управниот одбор се Сашко Лакински, Васе Јовевски, Анастасија Илиеска, Иван Иванов и Мартин Малиновски.

„Со изборот на новите членови на Управниот и Надзорниот одбор, приоритет се дава на ефикасно управување на електропреносниот систем преку оптимален и оддржлив развој на компнијата се со цел задоволување на потребите од електрична енергија за крајните кросиници. Притоа управниот и надзорниот одбор ќе имаат задача да го консолидираат акционерското друштво од наследените проблеми, да се справат со корупцијата и да ги зајакнат капацитетите на компанијата во насока на реализација на развојни проекти со кои ќе придонесат за унапредување на преносната мрежа“, се наведува во соопштението на Министерството за транспорт и врски.

И.О.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ