понеделник, 25 ноември 2024

Филков: Министерството за правда не помилува, само дава препораки за намалување на казната

Во контекст на дебатата предизвикана од помилувањата на осудени лица, што ги даде претседателката Гордана Силјановска-Давкова за државниот празник 23 Октомври, денеска министерот за правда, Игор Филков порача дека еднаш осудени лица не треба повторно да се судат во јавноста.

Објавено на

часот

Сподели

„Институтот помилување е многу битна работа во државата. Не смееме да дозволиме да биде предмет на дневно-политички игри и препукувања, а нас тоа ни се случува. Еднаш веќе осудени лица треба да ги пратиме на ресоцијализација. Не можеме повторно да ги судиме во јавноста“, изјави денеска министерот за правда Игор Филков одговарајќи на новинарски прашања, по посетата на Казнено-поправниот дом од отворен вид во Струга.

Тој појасни дека Министерството за правда не помилува, туку може да даде само препорака за намалување на казната од еден до шест месеци. Потоа, додаде, таа препорака оди кај претседателката, односно кај комисијата. Филков нагласи дека министерството, има еден член во комисијата и тој нема право на глас, односно не гласа.

Како министер за правда забележа дека е потребно освежување на комисијата која носи одлуки за помилување.

Во однос на престрелките на релација Вишо републичко обвинителство и Државниот виш обвинител, кажа дека е во тек со случувањата.

„Будно ја следиме работата, но во овој момент навистина не би имал што да коментирам. Да почекаме, да видиме што ќе се случи“, изјави Филков.

По жестоките реакции во јавноста околу неколку имиња кои се најдоа на листата на помилувани по повод празникот 23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба, претседателката Гордана Силјановска–Давкова во Вила Водно вчера попладне свика состанок на комисијата за помилување. Оттаму до денес нема официјална информација.

Претседател на комисијата за помилување е д-р Методија Каневчев, а членови се проф. д-р Гордан Калајџиев проф. д-р Арлинда Кадри Шахиновиќ д-р Зора Митиќ м-р Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ