вторник, 22 октомври 2024

Филипинците бараат право за развод: Сакаме да бидеме слободни

Објавено на

часот

Сподели

Филипините се единственото место надвор од Ватикан каде разводот е незаконски.

Застапниците за развод тврдат дека забраната им отежнува на паровите да избегаат од насилни сопружници, да ги прекинат врските и повторно да се венчаат.

Луѓето кои сакаат да го прекинат бракот можат да побараат судско поништување или да се прогласи за неважечки, но властите можат да ја обжалат одлуката.

Правниот процес е бавен и скап – случаите може да чинат до 10.000 долари во земјата погодена од сиромаштија. Дури и тогаш, успехот не е загарантиран, а дел од населението одлучува да тргне по побрз пат, со што станува жртва на онлајн измама.

„Не разбирам зошто мора да биде толку тешко“, вели Сибонга, која 11 години се обидува да излезе од бракот на кој родителите ја принудиле кога забременила.

Нејзината правна битка започнала во 2012 година, кога на суд побарала поништување на бракот, тврдејќи дека нејзиниот сопруг е психолошки нестабилен.

Државниот обвинител, кој е задолжен и за заштита на институцијата брак, го спречи разводот.

„Зошто ние, кои страдаме или сме малтретирани, сме законски казнети“, вели 45-годишната Сибона, која живее во близина на главниот град Манила.

„Само сакаме да бидеме слободни“, порача оваа жена.

Најголем противник на разводот на Филипините е Католичката црква, која се противи и на абортусот и на контрацепцијата. Сепак, парламентот бележи победи во последните години.

Контроверзниот закон за контрацепција беше донесен во 2012 година и покрај силното противење од црквата.

Во 2018 година, и владејачкото мнозинство и опозицијата го усвоија законот за развод во парламентот, кој подоцна беше блокиран во Сенатот. Тоа беше прв пат таков предлог да стигне вака далеку.

Сибонга растела како католик, но престанала да оди во црква за да избегне обвинувања за прељуба. Таа има момче долги години, но не може да се омажи за него додека не го поништи првиот брак.

„Луѓето мислат дека сум грешница бидејќи технички сè уште сум мажена“, вели таа.

Сибонга нагласува дека нејзиниот однос со сопругот бил трауматичен, па поради тоа два пати се обидела да се самоубие. Затоа таа не сака нејзините деца да се венчаат додека не се легализира разводот.

„Им реков дека можат да живеат заедно и да имаат деца колку што сакаат, но да им одобрам да се венчаат… Не сакам да завршат како мене“, рече таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ