петок, 18 октомври 2024

Фантастичен пресврт на Фени за триумф над Улцињ

Објавено на

часот

Сподели

 

Кавадарчани одиграа две дијаметрално спротивни полувремиња. Во првото беа само бледа сенка на тимот што сезонава го брани трофејот во регионалното натпреварување. Играа катастрофално во одбраната, за што говори примените 54 поени во првите 20 минути, а често грешеа во фазата на нападот.

Гостите од Улцињ на стартот од третиот период дојдоа до највисоката позитива од 17 поени (56-39) што како да ги налути избраниците на Емил Рајковиќ. Тие заиграа многу подобро, пожртвувани, едноставно гинеа за секоја топка. Шутот од далечина почна да функционира, но многу поважно беше драстично подобрената игра во дефанзивата. Сето ова придонесе кошаркарите на Фени И. постепено да ја топат предноста на противникот, за да направат целосен резултатски пресврт со тројката на Златко Гоцевски на 39 секунди до крајот на средбата. Кавадарчани превземеното водство не го испуштија до самиот крај иако беше крајно неизвесно во пенал-завршницата.

Огромна беше радоста кај кошаркарите на Фени И. на крајот од мечот најмногу поради начинот на кој дојдоа до четвртата победа сезонава во група Б од БИБЛ-лигата. Со овој триумф, екипата од Кавадарци направи голем исчекор кон обезбедување место во следната фаза од ова натпреварување.

Вистински јунак во победата на македонскиот шампион беше бугарскиот интернационалец Иван Лилов, кој постигна 25 поени реализирајѓи дури пет тројки од осум обида. Фантастично деби во дресот на Фени И. сезонава имаше и Гоцевски, кој мечот го заврши со учинок од 18 поени и четири скока. За одбележување е и настапот на Кирил Николовски (10 поени и шест скока) како и на Американецот Џарид Фрај, кој мечот го заврши со 10 поени и со дури девет скока.

Следниот меч во БИБЛ-лигата кошаркарите на Фени И. ќе го одиграат следната среда и тоа како гости против српскиот претставник Напредак од Крушевац.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ