четврток, 24 октомври 2024

„Европејците треба да се подготват за војна без поддршка од САД, ЕУ да има свој нуклеарен штит“

Лидерот на најголемата политичка група во Европскиот парламент Манфред Вебер кажа дека Европејците треба да се подготват за војна без поддршка од Соединетите Американски Држави и да изградат сопствени нуклеарни капацитети.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој би можел да се врати во Белата куќа, и претседателот на Русија Владимир Путин се двете лица „кои ја поставија рамката“ за 2024 година, кажа лидерот на Европската народна партија (ЕПП), која според проценките на аналитичарите ќе освои најмногу пратенички места на јунските избори.

„Го сакаме НАТО, но исто така сакаме да бидеме доволно силни за да можеме да се одбраниме и без него, или во време на Трамп“, кажа Вебер во интервју за Политико.

Бриселскиот портал пишува дека Трамп во Европа остана запаметен по тоа што беше скептичен околу улогата на НАТО, дека ги обвинуваше членките на Европската Унија дека не го плаќаат својот дел за одбраната и дека се закани дека нема да ја брани Европа ако биде нападната.

„Без оглед на тоа кој ќе биде избран во Америка, Европа мора да биде способна да биде независна во смисла на надворешната политика и да биде способна самата да се брани“, кажа германскиот конзервативец.

Во поглед на европската нуклеарна одбрана, Вебер кажа дека Европа мора да има капацитети за одвраќање и одбрана.

„Сите знаеме дека нема друг излез, нуклеарната опција е навистина решавачка“, кажа Вебер.

НАТО во моментов во голема мера зависи од американските нуклеарни боеви глави кои се распоредени во шест воени бази во Белгија, Германија, Италија, Холандија и Турција.

Во рамки на ЕУ, единствената земја која би можела да има поголема улога е Франција, која има околу 300 нуклеарни боеви глави.

Претседателот на Франција Емануел Макрон во 2020 ја изнесе идејата за европско нуклеарно одвраќање предводено од Франција. Тој тогаш повика на „стратегиски дијалог“ за улогата на француските нуклеарни сили во европската колективна безбедност.

Германија никогаш не одговори на тој повик, а Франција во 2022 кажа дека понудата е уште на масата, потсетува Политико.

Според Вебер, сега е времето да се врати идејата за интернационализација на француските сили.

„Би сакал да видам европска димензија на нуклеарната одбрана како долгорочна цел. Но сè додека тоа не е реално, би требало да ја прифатиме понудата на Макрон и сега да размислиме за тоа како француското нуклеарно вооружување може да биде вградено во европските структури“, кажа Вебер.

Втората европска нуклеарна сила, која повеќе не е членка на ЕУ, е Британија, со помалку од 260 нуклеарни боеви глави.

Вебер кажа дека можеби би требало да се почне конструктивен дијалог со „британските пријатели“.

„Тие исто така имаат тешкотии во обезбедувањето на својата безбедност. И ним им снемуваат пари за двата носачи на авиони кои ги имаат. Исто така тешко им е да ги одржуваат своите капацитети. Во тој поглед, можеби сега е правилно да се почне организиран дијалог со Британија“, кажа Вебер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ