четврток, 24 октомври 2024

ЕВН вели имала успешен состанок за струјата во Слупчане, ВМРО-ДПМНЕ бара одговори што е договорено

Објавено на

часот

Сподели

„Денескa повторно се одржа успешен состанок меѓу претставници на ЕВН и претставници на селото Слупчане. На состанокот се финализираа техничките детали за реализација на проектот за реконструкција и модернизирање на мрежата. Во понеделник ќе се одржи последниот состанок, по кој следува спроведувањето на проектот“, велат од ЕВН.

Претседателот на Советот на општина Липково, Зекирија Шаини изјави дека се очекува да се финализираат некои финеси и детали и да се почне со модернизација на мрежата.

„Наскоро очекуваме да почне и модернизација на мрежата во селото“, кажа Шаини.

Претходниот месец во два наврати жителите на Слупчане остануваа без електрична енергија и испратија барања до ЕВН. Од компанијата, тогаш  посочија дека поголем дел од слупчанци не плаќаат струја. На 27 јули беше постигнат договор кој наскоро треба да биде потпишан. Според последни информации модернизирањето на мрежата треба да почне на 9 август годинава.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска побараа Владата и министерот за економија Крешник Бектеши да соопштат што е договорено во Слупчане за струјата. Од партијата прашаа дали владата којашто се „вмеша во овој должничко доверителски спор, е гарант за жителите на Слупчане дека ќе добијат отпис на долговите, или гарант за ЕВН дека ќе ги наплатат парите?“

„Дали владата е гарант дека во Слупчане ќе се добие гарантирана месечна наплата за струја, како што бараат од 3.000 денари без разлика колку се троши? Дали владата можеби ќе им ги плати долговите на слупчанци кон приватна фирма, бидејќи парите на крајот сепак ќе бидат наплатени? Дали владата ќе дозволи можеби повисока сметка на струја на државно ниво за да се покрие таа разлика? Ова се реални прашања од граѓаните коишто повторно се ставени во подредена состојба, во позиција од втор ред. Епска драма за почитување на закон, за плаќање сметки за струја!? Ова е брука!“, рече на прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Стоиллковски побара и одговор на прашањето, зошто сега се случува овој проблем, ако се знае дека со само две неплатени сметки ЕВН гаси струјомер насекаде во Македонија? Како се дозволени толкави милионски долгови, а никој не преземал мерки?

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ