САД најавија дополнителна хуманитарна помош за Сирија во вредност од 920 милиони долари за време на конференцијата за помош на таа земја во Брисел.
Според Ројтерс, со овој пакет помош вкупната американска хуманитарна помош за Сирија и регионот годинава изнесува 1,1 милијарди долари и речиси 16,9 милијарди долари од почетокот на војната во земјата. Германската министерка за развој Свења Шулце изјави дека би било „фатална грешка да се заборави сириската криза во овој момент“.
Германското Министерство за економска соработка и развој објави дека ги поддржува чекорите што ги преземаат Турција, Либан, Јордан, кои прифатија 5,6 милиони сириски бегалци.
Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел на својот Твитер профил напиша дека ЕУ ветила помош од 1,5 милијарди евра.
„Сирија е сè уште важна на меѓународната агенда за изнаоѓање политичко решение. ЕУ вети 1,5 милијарди евра за поддршка на Сиријците. Продолжуваме да бидеме со сирискиот народ“, напиша Борел.