петок, 18 октомври 2024

ЕУ префрла 1,5 милијарди евра од замрзнатиот руски имот на Украина

Европската Унија ѝ испратила на Украина помош од 1,5 милијарди евра, финансирана од приходите од рускиот имот замрзнат во ЕУ, кои ќе се трошат на одбрана и обнова, објави денес претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен на социјалната мрежа Икс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Денес префрламе 1,5 милијарди евра приход од имобилизираниот руски имот за одбрана и обнова на Украина. Нема подобра симболика или употреба на парите на Кремљ отколку да се направат Украина и цела Европа побезбедно место за живот“, порача Фон дер Лаен.

Премиерот на Украина Денис Шмихал го поздрави првиот трансфер од ЕУ.

„Ова е значителен придонес на одбраната и обновата на Украина“, соопшти тој на Икс.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков кажа дека Русија „внимателно ќе разгледа како да одговори“.

Министрите за надворешни работи на ЕУ ги одобрија исплатите на крајот на јуни.

Помошта се финансира од приходите од имотот како камати, но не и од самиот основен имот, кој останува замрзнат. Деведесет отсто од парите ќе се финансираат како дел од воената помош, додека десет отсто ќе одат директно во Киев како финансиска помош.

Околу 260 милијарди евра вреден руски имот, како резерви на Централната банка, се замрзнати во рамки на санкциите против Русија поради војната во Украина.

Најголемиот дел од руските девизни резерви, главно акции и други видови хартии од вредност во кои вложила руската Централна банка, се чуваат во депото со седиште во Брисел под назив Еуроклиар.

Кога тие средства ќе ги достигнат своите последни денови од исплатата, или кажано со банкарски јазик „ќе созреат“, се претвораат во готовина.

Лидерите на Г7 се сложија на јунскиот самит во Италија да ги искористат каматите од замрзнатиот руски имот на Западот за обезбедување заем за Украина од 50 милијарди долари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ