недела, 20 октомври 2024

ЕУ: Можни санкции за Србија поради тензиите на Косово

Објавено на

часот

Сподели

На крајот на јуни, Европската унија усвои мерки против Косово затоа што не презема никакви акции за намалување на тензиите на северот на Косово.

Последната од серијата кризи ја иницираше Приштина, ангажирајќи ја полицијата да им овозможи влез во четири општински администрации на градоначалниците Албанци, избрани на избори со 3,4 отсто излезност кои беа бојкотирани од мнозинските Срби во тие општини.

Претходно, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, на 22 јуни изјави дека во четирите општини со српско мнозинство на северот на Косово треба што поскоро да се организираат вонредни избори со учество на Србите и дека Косово треба да ги прекине полициските операции во тие општини, а Србија да обезбеди повлекување на демонстрантите.

Во меѓувреме, косовската страна објави дека повлекува 25 отсто од полициските сили распоредени на северот, додека Белград инсистира на тоа дека сите дополнително распоредени полициски единици мора да бидат повлечени, и да се ослободат од затвор Србите за кои официјален Белград тврди дека се уапсени поради притисоците од Приштина и намерата со репресија да се продолжи етничкото чистење на Србите од Косово.

Портпаролот на ЕК, како што јави дописникот на ТВ Н1 од Брисел, изјави дека на Косово веќе му се презентирани мерките на ЕУ, кои следеа по отсуството на реакцијата Приштина да тргне по „европскиот пат за деескалација“ и дека „Брисел прави сѐ во координација со 27 членки на ЕУ и надворешните партнери, пред се Соединетите Американски Држави“.

„Ќе воведеме и мерки против Србија доколку земјите-членки оценат дека во сегашната атмосфера и земајќи го предвид актуелниот контекст, Србија не прави ништо за смирување на тензиите“, рече Стано одговарајќи на новинарско прашање.

Стано истакна дека пристапот на Брисел „е избалансиран, а мерките се привремени“.

Мерките може да се укинат кога ќе се процени дека партнерите се движат во насока на смирување на тензиите и враќање на нормалниот преговарачки процес, додаде претставникот на ЕК.

Во средината на јуни, Стано објасни дека рестриктивните мерки против Косово се засновани на јасна правна основа поради потезите на Приштина направени без консултации со Брисел, што доведоа до ескалација на тензиите, како и одбивањето на косовскиот премиер Албин Курти да го спроведе европскиот план за смирување на тензиите.

Тој потврди дека во меѓувреме во Брисел пристигнало писмо од десетици европски и американски претставници со барање ЕУ и САД да го променат пристапот во однос на Косово и Србија. Стано изјави дека европската администрација нема да се огласува за тоа писмо.

Истовремено, косовскиот премиер Албин Курти во четвртокот ја повика Европската унија да ги укине казнените мерки против Приштина и да ги подобри односите со Косово.

Според извештајот на порталот Косово онлајн, тој оцени дека мерките против Косово се „неправедни“.

„Ние правиме сѐ што можеме и знаеме, но би било неопходно нашите европски партнери и сојузници да ги подобрат односите со Косово што е можно поскоро. На крајот на краиштата, една демократска и прогресивна република како што е Косово заслужува да ѝ се помогне со се што може, а не да има казнени мерки“, рече Курти.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ