четврток, 24 октомври 2024

Ердоган отвори нова црква во Истанбул, прва во сто години (ВИДЕО)

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган отвори вчера во Истанбул нова црква на асирските христијани, што е прва новоизградена црква откако постои секуларна Република Турција. „Евреи, христијани, среќни сме што сите заедници во нашата земја живеат заедно“, изјави турскиот претседател пред верските претставници и функционерите.

Објавено на

часот

Сподели

Отворањето на асирската црква Свети Ефрем е важен културен и политички момент за Турција и за нејзиниот лидер. Ердоган за време на своето владеење долго две децении предизвика осуда поради претворањето на старите цркви во џамии и претворањето на исламскиот конзервативизам во водечка општествена сила.

Секогаш одговара дека едноставно им ги враќа правата на побожните муслимани и дека непоколебливо верува во секуларната политика која во 1923 ја основа Мустафа Кемал Ататурк. Ердоган во 2019 го положи камен темелникот за изградба на црквата за 17.000 асирски христијани во Истанбул.

Асирското христијанство има корени во заедниците кои живееле во првиот век од новата ера во регионот кој се протега од југоисточна Турција до Сирија и Ирак. Денес седиштето му е во Дамаск. Некои помали цркви во Турција се тајно обновени и отворени во последните 100 години.

Ердоган вчера кажа дека 20 постоечки цркви се обновени откако неговата исламистичка партија дојде на власт во 2002 година. Но Свети Ефрем е „првата новоизградена црква која ги отвора своите врати од основањето на Република Турција. Ние сме многу среќни“, кажа за Франс прес лидерот на асирската заедница Саит Сусин.

Новата црква може да прими 750 верници. Ердоган предизвика огорчување на меѓународната заедница кога истанбулската Света Софија, некогаш најголемата катедрала во светот, од музеј повторно ја претвори во џамија во 2020 година. Културното тело на Обединетите нации Унеско тогаш изрази „сериозна загриженост“.

Ердоган ги отфрли критики и го направи истото со средновековната грчка православна црква Хора во Истанбул. Грција тоа го нарече „уште една провокација кон верниците насекаде“.

Ердоган беше под особено остри напади во Турција поради отворањето нова џамија во 2021 година на плоштадот Таксим, истанбулското место на собири изградено околу споменикот кој го слави формирањето на секуларната турска држава на Ататурк.

Црквата Свети Ефрем требаше да биде отворена во февруари, но свеченоста беше одложена поради силниот земјотрес кој уби 50 илјади луѓе на југот на земјата и кој, меѓу другото, ја уништи древна Антиохија, една од колевките на христијанскиот свет. Асирските христијани се молат на арамејски, древниот јазик на кој се верува дека зборувал Исус.

Припадниците на турското христијанско малцинство, кое според проценките претставува 0,2 отсто од населението, редовно се жалат дека во оваа мнозински муслиманска земја со 82 милиони жители се третирани како граѓани од втор ред.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ