вторник, 22 октомври 2024

Ердоган ги прозва ОН и САД: Светот е поголем од петте постојани членки на Советот за безбедност, вразумете го Израел

Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган ги повика сите страни во израелско-палестинскиот конфликт да го прекинат огнот и истакна дека оние кои, во конфликтот на Русија и Украина, „се залагале за меѓународното право“, сега молчат за „масакрот во Газа“, што, како што истакна, „е најконкретниот израз на лицемерието“

Објавено на

часот

Сподели

Ердоган ги обвини државите надвор од регионот на Блискиот Исток дека само „долеваат масло на огнот“ со пружањето поддршка на Израел, додавајќи дека Соединетите Американски Држави заедно со Израел ќе ја изгубат оваа војна бидејќи се против правдата и порача дека неговата земја никогаш нема да ги одобри злосторствата на Израел.

„Речиси половина од убиените во израелските напади во Газа до сега се деца, што покажува дека целта е планска бруталност во извршувањето злосторства против човештвото“, оцени Ердоган во Анкара.

Критиките на Турција кон неправедната структура на Советот за безбедност на Обединетите нации повторно се потврдени со најновите настани, додаде турскиот претседател и потсети дека една од петте постојани членки на Советот за безбедност вложи вето на резолуцијата за прекин на огнот на Блискиот Исток.

Тој повтори дека „светот е поголем од пет“, алудирајќи на петте постојани членки на Советот за безбедност со право на вето.

„Израелските напади на Газа за оние кои ги извршуваат и оние кои ги поддржуваат се знак на состојба која укажува на убиство и ментална болест“, додаде турскиот лидер.

Ердоган го повтори својот став дека „Хамас не е терористичка организација“, туку група „муџахедини ослободители“ кои се борат да ги заштитат својата територија и луѓето.

„Заедничко дејствување на исламските земји би довело најпрво до примирје, а потоа до траен мир на Блискиот Исток“, смета Ердоган.

Еврејскиот народ добро знае дека Турција е единствената земја која со векови е без антисемитизам, порача турскиот лидер.

„Ги повикувам сите земји со разум и совест да извршат притисок врз владата на (израелскиот премиер Бенјамин) Нетанјаху да ѝ го врати разумот на државата Израел“, истакна тој.

Порача дека Турција е спремна да биде еден од гарантите на мирот за палестинската страна, со своите хуманитарни, политички и воени капацитети и потсети дека пред 7 октомври, кога почна конфликтот, планирал да го посети Израел, но потоа ги откажа плановите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ