Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, му честиташе на Талат Џафери за неговиот избор за претседател на техничката влада на Македонија.
„Најискрени честитки до новата техничка влада на Северна Македонија и нејзиниот премиер, Талат Џафери. И покрај временските ограничувања и овластувањата, оваа влада има предизвик и привилегија да спроведе слободни и фер избори, да ја одржи стабилноста и евроатлантскиот курс на земјата и да ја докаже способноста да биде инклузивна и кооперативна со сите фактори, без политичка и етничка разлика#, напиша Бегај на Фејсбук.
Исто така оценува дека Албанците се важен фактор за стабилноста и иднината на Maкедонија и оти „ова е случај да докажат дека лидерството го гледаат само во перспективата на интеграција на РСМ во ЕУ“.
Албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Игли Хасани му го честиташе изборот на Талат Џафери за премиер на техничката Влада на Северна Македонија.
„Со среќа и успеси на првиот премиер Албанец во историјата на Северна Македонија! Убеден сум дека премиерот Талат Џафери и неговиот владин кабинет ќе ги исполнат заложбите и обврските од владината програма, од организирање слободни, фер и демократски избори, до продолжување на работата за реализација на процесите кои произлегуваат од преговори за членство во ЕУ и забрзување на европската интеграција, раст и развој на економијата и борба против криминалот и корупцијата“, напиша Хасани на платформата Х.
Честитка упати и лидерот на Демократската партија Љуљзим Баша, наведувајќи дека Македонија денес покажала пример за меѓуетнички соживот и улогата на Албанците како фактор на мирот и стабилноста на Западен Балкан.
„Без визијата, посветеноста и одлучноста на Али Ахмети тоа ќе беше невозможно. Конструктивната улога и посветеноста на евроатлантските вредности на Албанците од Северна Македонија беше одлучувачка за членството во НАТО и за отворањето на преговорите за членство во Европската Унија. Денес, Северна Македонија се покажа како примерен стандард за меѓуетнички соживот и улогата на Албанците како фактор на мир и стабилност на Западен Балкан. Посакувајќи му успех на премиерот Талат Џафери, изразувам надеж и уверување дека европскиот пат на Северна Македонија ќе продолжи без застанување“, напиша Баша.
Поранешниот албански претседател и актуелен лидер на Партијата на слободата, Илир Мета, преку објава на Фејсбук, честитајќи му го изборот на Џафери, изразува целосна увереност дека „под негово раководство новата влада ќе преземе важни чекори за консолидирање на слободен и фер изборен процес“.
„Албанците како државотворен фактор се јасно ориентирани кон ЕУ и НАТО и имаат клучна улога за меѓуетничката хармонија, стабилноста и европската иднина на Северна Македонија. Уверен сум дека со неговото лидерство и докажана сеопфатна и кооперативна посветеност, без разлика на етничките и политичките разлики, новата Влада ќе преземе значајни чекори за консолидирање на слободен и фер изборен процес, во функција на перспективата за интеграција на Северна Македонија во Европската Унија“, пишува Мета.
Изборот на Џафери му го честиташе и градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, кој преку објава на социјалните мрежи, оценува дека оваа одлука отвора нова ера не само во историјата на Албанците, туку и во историјата на Северна Македонија.
„Голема вест за Албанците! Честитки до мојот пријател Талат Џафери, честитки до претседателот Али Ахмети за ова историско достигнување за Албанците! Првиот албански премиер во Северна Македонија не разделува, туку обединува. Отвора нова ера не само во историјата на Албанците, туку и во историјата на Северна Македонија, ставајќи ја на врвот на земјите за меѓуетничка хармонија на Балканот и во Европа! Секоја чест“, пишува Велиај
Уште синоќа во објава на Платформата Х изборот на Џафери му го честиташе премиерот Еди Рама оценувајќи го како историски момент изборот на прв премиер Албанец во РСМ, додавајќи дека „лидерот на ДУИ, Али Ахмети, направил многу за унапредување на правата на Албанците во соседната земја и нивното афирмирање како рамноправни граѓани на Република Северна Македонија“ и оти со тоа дал „историска лекција за сите“.
Изборот на Џафери, како прв Албанец претседател на владата на Македонија го честитаа и лидери на други политички партии.