Според изјавата на експертите на ОН, методите на тортура вклучуваат електрошокови, ставање качулки на главите на жртвите и извршување симулирани егзекуции. Таквите тактики се користат за извлекување информации, принудување признанија или како одговор на наводната поддршка за украинските сили, објави Ројтерс.
Алис Џил Едвардс, специјална известувачка на ОН за тортура, рече дека меѓу наводните жртви има и украински цивили и воени затвореници. Таа додаде дека ѝ пишала на Москва за оваа ситуација.
Портпаролот на руската дипломатска мисија во Женева не одговори веднаш на барањето коментар. Москва претходно ги отфрли обвинувањата за тортура или малтретирање воени заробеници, инсистирајќи дека не ги гаѓа намерно цивилите во Украина.
Иако претходно беа изнесени обвинувања за тортура против двете страни во 15-месечниот конфликт, тимот од независни експерти на ОН рече дека методите на руските сили може да се „одобрени од државата“.
„Доследноста и методите на тортура сугерираат ниво на координација, планирање и организација, како и директно одобрување, намерна политика или официјална толеранција од претпоставените“, се вели во писмото испратено од Едвардс заедно со неколку други независни експерти.
„Послушноста кон претпоставените не може да биде оправдување за тортура и секое лице што е вклучено во такви активности треба брзо да биде истражено и процесуирано“, додаде таа.