петок, 18 октомври 2024

Ексклузивно со кралот на машките чевли

Објавено на

часот

Сподели

 

Современиот денди сака да има единствени чевли на светот, само тој, и да нема ниедни слични на неговите. Да бидат обоени како уметничка слика, гравирани како статуа, рачно изработени и толку посебни што да не може да не се забележат.
Џузепе Сантони не произведува само чевли, туку и уметност и уникатност. Оттука и неговите клиенти се посебни луѓе, подготвени да платат за ексклузивноста. Неговите лимитирани едиции се наменети за новиот тип денди, тој сака да носи единствени чевли на светот со комплицирани кроеви, тешка рачна изведба, везени детали и совршена обработка на кожата. Боењето на ваквите чевли е исто така рачно. А колку чинат? Појдовната цена на класичните модели изнесува од 800 евра па нагоре, а двојно, па и тројно поскапи се оние од лимитираните едиции, зашто како што велат од „Сантони“, не купувате обични чевли туку уметничко дело.
Џузепе Сантони е новиот крал на машките чевли. На листата на неговите клиенти се наоѓаат и политичари и луѓе од шоу-бизнисот. И самиот Берлускони купува кај Сантони. Сепак, срцето на „Сантони“ го претставуваат оние чевли од класичната едиција, но еднакво наменети за луѓе со подлабок џеб и префинет вкус. Ако лимитираните едиции се оние по нарачка, класичните се веќе изложени во продажните салони на „Сантони“, на луксузните улици во светските метрополи.

 

Кај нас купуваат и Бекам и Буш…

Која е Вашата филозофија?
Таа е едноставна, мешавина од квалитет, дизајн и стил. Компанијата ја основа татко ми, во 1970, а јас ја продолжив традицијата. Во почетокот колекцијата беше многу класична, типот на чевлите што ги произведувавме тогаш беа кожени, но класични, со проширувањето развивме нови линии, како на пример, „клеб лајн“ или „лимитед едишн“, многу специјални и наменски производи за мал број избрани клиенти. Но имаме и спортски дел, како чевли за возење што ги развиваме во соработка со „Мерцедес“, потоа чевли за пловење кои се користат од професионалци на море и слично.

Порано бевте сконцентрирани само на машките чевли, а женската линија ја лансиравте пред неколку години.
Женската линија ја почнавме пред 6 години, ја развивме со филозофија базирана на стил и специфичните женски потреби за стил. Всушност, се обидовме да им пријдеме на нашите женски клиенти, стимулирајќи ја нивната желба да имаат посебни чевли или чевли-скулптури.

Кои се Вашите клиенти?
Тоа се личности што придаваат посебно внимание на својот имиџ, на квалитетот, како и личности што водат живот на висока нога и кои се фокусирани на тоа како да изгледаат. Бекам, на пример, ги носи нашите чевли. Дастин Хофман, Силвестер Сталоне, Шварценегер…Од девојките тука е Синди Крафорд. Имаме најразлични ВИП-клиенти.

Дастин Хофман, Силвестер Сталоне, Шварценегер…Од девојките кај нас купува Синди Крафорд

 

Од политичарите?
Имаме и политичари, како Буш на пример, потоа Путин, тие носат чевли „сантони“. И Берлускони купува кај нас.

А Обама?
Обама сè уште не, но ќе има можност да нè запознае. Тој е многу елегантна личност, која е чувствителна на својот изглед, токму онаква какви што се нашите клиенти.

 

Еднаш „Сантони“, секогаш „Сантони“

Сте имале ли некогаш поплака од некој Ваш важен клиент?
Не, дури можам да кажам дека клиентите на „Сантони“ се многу лојални. Луѓето што почнале да носат „Сантони“ не сакаат друго. Се разбира дека нашите клиенти не носат само „Сантони“, но овие чевли ги носат со посебно задоволство, бидејќи се удобни, па добро се чувствуваат во нив.

Слушнав дека кај вас купуваат и возачите на Формула 1. Кој од нив, на пример?
Ги има повеќе. Жан Алеси, Шумахер…Но не само луѓето од Формула 1, туку и љубителите на брзото возење. Имаме професионални чевли за возачи на спортски автомобили, со одобрение од ФИА, патики што се огноотпорни и со нив може да се тркате на писта.

Професионални чевли за брзо возење

 

Колку продавници имате низ светот?
Околу четиринаесет, но секоја година отвораме уште. Париз, Милано, Доха, Њујорк, Токио, Москва, Киев, Сент Моритц, Рим, Кан….

Заклучивме дека Вашите клиенти се ВИП, но дали Вие се чувствувате како многу важна личност?
Па не би рекол…Се чувствувам како некој што се обидува да создаде посебен производ во кој се вградени многу страст и труд. Значи не се сметам себеси за ВИП, туку сметам дека произведувам уникатни чевли. И не се однесувам како ВИП. Задоволство е да те познаваат многу луѓе, но тоа не е мојата мотивација.

Јасмина Кантарџиева

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ