сабота, 19 октомври 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Единствен пазар и повелба за ЕУ

 

Што се однесува до останатите земји од тнр. Западен Балкан, според претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, тие треба да ги исполнат останатите реформи, особено на полето на владеење на правото и независноста на судството, пред да бидат добредојдени во ЕУ.

Студен туш за сите оние што не веруваа дека геополитиката може да биде посилна од тнр. мерит систем, односно системот според заслуги, што ЕУ како мантра со години го повторува.

Наместо да ламентираме дека Европа не нѐ сака и да се расправаме кој е домашниот виновник за последниот студен туш, сметам дека е крајно време земјите кандидати да се самоорганизираат во ефективна соработка, да преземат лидерство во процесот на пристапувањето и да почнат да вршат недвосмислен притисок врз ЕУ.

Се сеќаваме дека покојниот претседател Борис Трајковски иницираше слична регионална соработка во контекст на влез во НАТО, која на 2 мај 2003 година резултираше со потпишување на Јадранската повелба (US – Adriatic Charter) за создавање асоцијација од страна на Македонија, Албанија, Хрватска и САД за помош во нивните напори за приклучување во НАТО. Од таа група на земји кандидати, популарно наречена А3, која во меѓувреме порасна на А5, четири земји се веќе членки на НАТО – Македонија, Хрватска, Црна Гора и Албанија, додека уште само Босна и Херцеговина е на листата на чекање.

Имајќи едно вакво позитивно искуство зад себе, вреди да се размисли за покренување иницијатива за формирање на нова асоцијација, преку една нова повелба, овој пат за пристапување кон ЕУ. Преку една таква повелба за ЕУ (Pro EU Charter) земјите кандидати со здружени сили би добиле можност да го засилат својот глас во ЕУ и со заеднички сили би извршиле силен притисок врз Европската Унија.

Работа на подлабока анализа, но и лобирање е кои би биле членките на една таква асоцијација. Во овој момент се чини дека најреална опција би била Македонија, Албанија и Црна Гора (која, навистина, веќе ги има започнато преговорите, но еве цела деценија како е заглавена и не се помрднува), особено што сите три се членки на НАТО и со тоа веќе го имаат поминато оној безбедносен праг, неопходен за влез во ЕУ. Се разбира, неопходен елемент би бил и избор на земјата спонзор (како што се САД во Јадранската повелба), која искрено, отворено и цврсто би застанала зад кандидатите за започнување преговори.

Не треба да обесхрабрува фактот што зад лобирањето за можниот спонзор треба да стои сериозна и координирана дипломатска активност. Верувам дека актуелните слабости на македонската дипломатија, која речиси цела декада се однесува субмисивно и реди пораз до пораз на меѓународната сцена, се слабости на лидерството на дипломатијата, кои ќе бидат надминати по мајските избори следната година.

Примерот со Украина и Молдавија ни ги отвори очите дека ЕУ е подложна на притисоци и дека нема проблеми доколку треба да убеди некои од своите дури најтврдокорни лидери да се „напијат кафе“ во соседната просторија додека се гласа за отворање преговори според принципот на консензус.

Втората работа зад која Македонија најитно треба да застане е градење цврст внатрешен консензус за влез најпрвин на Единствениот европски пазар, а дури потоа да се бара полноправно членство.

На страна што „пиењето кафе“ е полесно изведливо кога станува збор за носење одлука за пристапување кон Единствениот пазар отколку за полноправно членство, единствениот пазар е едно од најголемите постигнувања на ЕУ кое што го поттикнува економскиот развој и го олеснува секојдневниот живот на бизнисите и на конзументите веќе триесет години.

Со влегување на Единствениот пазар на ЕУ, Македонија би влегла во срцето на Европскиот проект и би им овозможила на своите граѓани да патуваат, живеат, работат или студираат каде што сакаат во ЕУ. Сите 4 слободи на движење – на луѓето, капиталот, производи и услуги – би ни биле достапни. Исто како и големите европски фондови за оваа намена.

За разлика од полноправното членство, преку учеството на Единствениот пазар навистина не би имале можност за учество во донесување на политичките одлуки на Унијата, но тоа во оваа фаза на нашето пристапување е навистина занемарливо. И утре да станеме членка на ЕУ, треба да бидеме реални дека нашиот капацитет во овој момент не е доволен за посериозно влијание врз креирањето на важни одлуки. Токму затоа, членството на Единствениот пазар би ни овозможило користење на овие 4 слободи што ни се насушно потребни и добивање дел од соодветни европски фондови со кои би добиле можност за сериозно унапредување на нашата економија. Потоа, со подигањето на капацитетите на државата, нашето барање за полноправно членство многу потешко ќе биде одбиено.

                                                                             Амбасадор Зоран Дабиќ

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ