Според Државниот завод за ревизија (ДЗР) од извршениот увид во документацијата поврзана со начинот и постапката за издавање на одобрение за поставување на урбана опрема и одобрение за вршење на дејност надвор од деловен простор на подрачјето на општина Кисела Вода, ревизијата нашла дека утврдувањето и наплатата на комуналната такса за користење на простор пред деловни простории за вршење дејност, ја администрира Градот Скопје за општина Кисела Вода врз основа на склучен договор, а остварените приходи ги распределува 50 отсто за Град Скопје и 50 отсто за општина Кисела Вода.
„Градот Скопје кој ги издава одобренијата не и доставува на општината копии од пресметка, заверен елаборат за користење на јавна површина и одобрение за вршење дејност и за поставување на времени објекти. Со ваквиот начин на администрирање на комуналната такса, општината нема увид во поднесените барања и начинот на кој се издадени одобренијата на територијата во нејзина надлежност. Општина Кисела Вода не води регистар на издадени одобренија за поставување на урбана опрема и не е извршен инспекциски надзор од страна на одделението за инспекциски работи со вршење на увид на лице место и изготвување на записник со скица за бараниот простор за вршење на дејноста, врз основ на кој се пресметува надоместокот. Општината нема донесено годишна програма за поставување на времени објекти на градежно неизградено земјиште, сопственост на Република Северна Македонија, со изградена инфраструктура и поставување на урбана опрема на јавни површини. Ваквиот начин на администрирање на комуналната такса за користење простор пред деловен објект, не дава уверување дека просторот пред деловните објекти се користи согласно законските прописи и има влијание врз целосноста на приходите по овој основ“, констатирал ДЗР.
Поради ова ревизијата на градоначалникот му препорачува да ја преиспита можноста за раскинување на договорот со Град Скопје и да започне со сопствено администрирање на комуналната такса за користење простор пред деловни простории за вршење на дејност.
Освен ова ДЗР констатирал и низа други неправилности во работењето на општината од областа на урбанизмот.
Ревизорите констатирале и дека општината не води сметководствена евиденција за тоа колку пари треба да наплати по основ на надоместок за утврдување статус за дивоградбите, дека не води регистар за издадените одобренија за поставување на урбана опрема како и дека не е донесена годишна програма за поставување на времени објекти на градежно неизградено земјиште и урбана опрема на јавни површини.
„Градоначалникот да преземе мерки и активности за реално утврдување на основот на постоење на побарувањата, да се врши нивно соодветно евидентирање во деловните книги и можност за нивна наплата. За побарувањата кои потекнуваат од минати години за кои има поведено судски постапки, не е утврдена можноста за нивна наплата“, пишува во Извештајот на ДЗР.
Државниот завод за ревизија има забелешки и по основ на финасиското работење на општината.
„Општината не пропишала во кои рокови фирмите овластени за регистрација на возилата треба да ја уплатат комуналната такса за користење на патишта со моторни возила на сметка на општината, не е пропишана обврска на трговското друштво надлежно за дистрибуција на струја кое врши наплата на таксата за користење и одржување јавно осветлување од имателите на броила да ги известува општините за бројот на обврзници по категории, општината нема информации за висината на средствата што треба да се уплатат во буџетот по основ приходи од закуп на земјоделско земјиште во сопственост на државата, општината располага со податоци за склучените договорите за концесија за експлоатација на минералните суровини и врши увид на уплатените средства од концесиските надоместоци, но нема можност да ја потврди нивната целосност и точност, а состојбата на регистарот на недвижности не е усогласена со регистарот кој го води Агенцијата за катастар на недвижности“, утврдиле ревизорите.
ДЗР утврдил дека бројот на работните места во секторот за внатрешна ревизија и посебните услови кои вработените треба да ги исполнуваат не се согласно законските барања.
„Градоначалникот да преземе мерки активности за изменување и дополнување на Правилникот за систематизација на работните места во секторот за внатрешна ревизија при што ќе се предвидат доволен број на вработени согласно законските барања и ќе се уредат посебните услови кои треба да ги исполнуваат раководителот на единицата за внатрешна ревизија, овластените внатрешни ревизори и внатрешните ревизори“, му препорачале на градоначалникот од ДЗР.
Според ДЗР, во врска со ваквите наоди општина Кисела Водa не испратила забелешки на Нацрт извештајот од 16 јануари 2023 година.