петок, 18 октомври 2024
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Ѕид

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Во Апсурдистан еднаш осамна еден ѕид.

Најучените академски тимби од Апсурдистанската академија веднаш се собраа пред ѕидот.

– Ова не е ѕид, ова е всушност само идеја за ѕид! – се јави прв филозофот.

– Хм… овој ѕид е израз на божјата волја и божјиот план за спасение и како таков не треба да се преиспитува… освен за да се докаже со рационални аргументи дека е израз на божјата волја… што значи дека сепак ќе треба да се преиспита малку… но без да се преиспитува…

И додека теологот си ја чешкаше брадичката, го прекина семиологот:

– Овој ѕид е апоретичката линија меѓу означеното и означителот кој ги фиксира лизгавите означители со коннструктивизмот на своите тули, па сепак истовремено…

Не ја доврши мислата, кога теоретичарот на книжевноста… или можеби беше теоретичарка, сеедно, зеде збор:

– Овој ѕид е еден метаконструкциски наратив кој воедно метадеконструкциски ја дисеминира стварноста во микроструктури кои сочинуваат еден нестабилен хипертекст кој постојано се обмислува со своите тули и како таков воедно е хипер… овој ѕид е генијален, овој ѕид е неодолив! – списка и му се нафрли на ѕидот со огромни бакнежи.

Теоретичарот на уметноста поднамрштено си ја крена веѓата. Се мислеше дали да заклучи дека ѕидот заедно со теоретичарот – или теоретичарката, сеедно, на книжевноста, беше надреалистички уметнички перформанс од прв ранг или анахронистичко ѓубре веќе видено кај Дишамп, кога одеднаш пред ѕидот истрча природонаучникот и демонстративно викна:

– Овој ѕид е само ѕид!

И си замина.

Учената толпа се вознемири. Теоретичарот… или теоретичарката, сеедно, на книжевноста остана зјапната со лигава уста. Семиологот мласкаше протесно со усните, теологот се смешкаше и ја нишкаше главата со прикриена метафизичка супериорност, филозофот педагошки мавташе со показалецот во правецот во кој си замина природонаучникот. Теоретичарот на уметноста демонстративно отвори лижавче.

Одеднаш величествено зачекори државниот обвинител, кој можеби беше дури и специјален, но во основа беше тривијален. Она што беше важно, меѓутоа, е, дека државниот обвинител имаше пендрек. Сите затреперија и се наредија зад една линија… која беше замислена… а можеби и не… Како и да е, сега немаа време да расправаат за тоа, зашто ги обзеде страхопочитна трепет пред обвинителот, т.е. пред неговиот пендрек. Линијата беше нужна.

– Овој ѕид е најпрвин олицетворение на државата! Потоа, тој е сопственост на државата!

Државниот обвинител го истегна вратот како радар и мавташе со пендрекот. Високоучените академици муцаа одобрувачки, сѐ додека секој не си го кажа своето:

– Државата е врвната идеја! – рече филозофот.

– …И од бога воспоставена! – рече теологот.

– …Стожер за сите означители! – се надоврза семиологот.

– …Државата е себедисеминациски хипертекст! – рече теоретичарот, или теоретичарката, сеедно, на книжевноста, зјапајќи во пендрекот на државниот обвинител. Сакаше да се стрча кон него… и да го протолкува како интертекстуална релација, но теоретичарот на уметноста тогаш мажевно… или женствено, сеедно, ја зграпчи и ја задржа при себе. Во тој миг невидена инспирација му проструи низ нервите, па писна:

– Државата е естетска сублимација на формата!

Тогаш државниот обвинител забележа како еден уметник црта графити на ѕидот, па го испердаши демократски со пендрекот. Волјата на присутното мнозинство го потврди пердашењето процедурално со немо кимање со глава.

– Безумие!

– Богохулие!

– Апсурд!

– Сентиментализам!

– Анахронизам!

– Тероризам, господо, тероризам! – заклучи триумфално државниот обвинител.

Откако високоучените академски тимби се изјаснија, гласно користејќи го своето право и должност да бидат гласни, уметникот беше одведен во затвор. И сите се разотидоа.

Се стемни.

Ѕидот крадешкум тргна да го бара уметникот.

    Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ