среда, 23 октомври 2024

Државниот врв активен на Фејсбук, Инстаграм и Твитер

На сите канали, 21 од вкупно 24 членови на владиниот кабинет користат најмалку една социјална мрежа.

 

Објавено на

часот

Сподели

Новиот државен врв е присутен на Фејсбук, Инстаграм и на Твитер. И претседателката на Македонија, претседателот на Собранието, како и претседателот на Владата имаат и свои Тик ток кориснички сметки, додека пак, премиерот и претседателот на Собранието имаат и свои профили на мрежата за професионална комуникација и поврзување, Линкедин. 21 од вкупно 24 членови на новиот владин кабинет се активни на најмалку еден социјален медиум, додека истовремено активни на трите канали (Фејсбук, Твитер и Инстаграм) се премиерот и уште 10 министри во Владата. Тројца од министрите немаат присуство на ниту една од мрежите, а се забележуваат и кориснички сметки на социјалните мрежи кои сѐ уште не се отворени за целата јавност, покажа анализата на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) направена по повод почетокот со работа на новоизбраните носители на извршната власт во земјава.

За потребите на Институтот анализата ја изработи Стефан Атанасовски Трајковиќ, студент и младински активист во ИДУЕП, а под менторство на комуникологот и претседател на Институтот, Бојан Кордалов.

Во однос на официјалното дигитално присуство на јавните институции, досега во континуитет се бележеше значително поголемо присуство и посветување на корисничките сметки на јавните функционери споредено со оние на јавните институции. Исклучок од ова се веб страниците, како и официјалните кориснички сметки на Собранието и Владата, како и веб страницата на претседателот на државата. Ваквата состојба е неопходно да се промени, односно да се стави фокус на избор на професионални тимови за дигитални медиуми во институциите кои ќе креираат дигитален идентитет на секоја јавна институција со предимство на услугите и можностите за граѓаните, компаниите и организациите, а не првичен промотивен ПР за моменталниот јавен функционер/ка.

Еден месец по изборот на новиот владин состав, речиси сите министерства имаат своја посебна веб страница, со исклучок на новоформираните кои или немаат сѐ уште креирано или користат некоја од постоечките веб страници. Во бројки во делот на социјалните мрежи, 18 од вкупно 20 министерства имаат свое дигитално присуство барем на еден социјален медиум, додека официјално Владата е активна со свое веб, како и присуство на сите анализирани социјални медиуми.

„Има многу простор за подобрување и унапредување на начинот на кој институциите и првите луѓе ги користат социјалните медиуми. Сведочиме и на нередовна активност, а некои и воопшто ги нема на овие канали за комуникација. Исто така, кога зборуваме за содржините кои треба да ги објавуваат, важно е да се фокусираат на спецификите на самите социјални мрежи. Пример, потребни се повеќе кратки видеа, содржини кои ги интересираат граѓаните како корисници на услуги, младите…. Исто така, кај дел од услугите кои се промовирани дека се достапни онлајн, се забележува нецелосна таква можност за граѓаните. Тука, како позитивен пример кој би можел да се мултиплицира може да послужи Министерството за образование кое има посебен софтвер за е-услуга.“, вели Стефан Атанасовски Трајковиќ, младински активист во ИДУЕП.

„После повеќе од 15 години од активното користење, важно е политичарите да сфатат дека социјалните медиуми не постојат и не се користат само за забава и себепромоција, туку тие се важен сегмент во општествено-политичката двонасочна комуникација. Надминуваме над 90 проценти од нашите граѓани кои се секојдневно активни на интернет и над две третини кои се активни на социјалните мрежи, а бројот на јавни услуги кои можат да се направат онлајн или од мобилен телефон сѐ уште се бројат речиси на прсти. И ова пропуштено време е неопходно брзо и квалитетно да се надомести“, истакна Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на ИДУЕП Институтот, организација која е автор на Анализите за користењето на социјалните медиуми од страна на јавните институции и функционери од 2009 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ