Освен што зборуваат за својата употреба на системот за вештачка интелигенција, наречен „Лаванда“, разузнавачките извори тврдат дека израелските воени претставници дозволиле убиство на голем број палестински цивили, особено во првите недели и месеци од конфликтот, пишува британскиот весник.
Нивното невообичаено искрено сведочење дава редок увид во директните искуства на израелските разузнавачки службеници што користеле системи за машинско учење за да идентификуваат цели во конфликтот.
Со користење на моќни ВИ-системи во војната против Хамас, Израел навлезе во неистражената територија за напредно војување, отворајќи голем број правни и морални прашања и трансформирајќи го односот меѓу воениот персонал и машините.
„Ова е без преседан, во моето сеќавање“, рекол еден разузнавач што користел „Лаванда“. Тој додал дека повеќе верува во „статистичкиот механизам“ отколку во натажениот војник. „Сите таму, вклучувајќи ме и мене, изгубивме луѓе на 7 октомври. Машината тоа го направи ладно. И тоа ги олесни работите“.
Друг корисник на „Лаванда“ се запрашал дали улогата на луѓето во процесот на селекција е значајна. „Јас во оваа фаза би вложил по 20 секунди за секоја цел и тоа би го правел за по десетици од нив секој ден. Јас имав нула-додадена вредност како човек, освен што одобрував. Тоа заштеди многу време“.
Сведочењето на шест разузнавачи вклучени во употребата на системи за вештачка интелигенција за да се идентификуваат целите на Хамас и на Палестинскиот исламски џихад (ПИЏ) за време на војната, му било дадено на новинарот Јувал Абрахам за извештајот објавен во израелско-палестинскиот магазин +972 и медиумот Локал кол на хебрејски.
Нивните сведоштва биле споделени со Гардијан пред објавувањето. Сите рекле дека „Лаванда“ имала централна улога во војната, обработувајќи маси на податоци за брзо идентификување на потенцијалните „понискорангирани“ оперативци што треба да се таргетираат. Четири извори рекле дека во една почетна фаза од војната, „Лаванда“ навела дури 37.000 Палестинци што системот на вештачка интелигенција ги поврзал со Хамас или со ПИЏ.
Според Гардијан, „Лаванда“ е развиен од елитна разузнавачка дивизија на Израелските одбранбени сили (ИДФ), Единицата 8.200, која е пандан на американската Агенција за национална безбедност или на британската ГЦХК.
Некои извори опишале дека, за одредени категории цели, пред да биде одобрен нападот ИДФ применувале однапред одобрени дозволи за проценетиот број цивили што може да бидат убиени.
Два извори рекле дека во првите недели од војната им било дозволено да убијат од 15 до 12 цивили за време на воздушните напади врз милитантите од понизок ранг. Во нападите на такви цели обично се користела ненаведувана муниција позната како „глупави бомби“, кои уништувале цели куќи и ги убивале сите нивни станари.
„Не сакате да трошите скапи бомби за неважни луѓе – тоа е многу скапо за земјата и има недостиг (од тие бомби)“, рекол еден разузнавач. Друг рекол дека главното прашање со кое се соочиле е дали „колатералната штета“ за цивили се зема предвид при нападот.
„Бидејќи обично вршевме напади користејќи глупави бомби, што значи буквално рушење на целата куќа врз нејзините станари. Но дури и ако нападот е избегнат, не ви е гајле – веднаш преминувате кон следната цел. Поради системот, на целите им нема крај. Ве чекаат уште 36.000“.
Според експертите за конфликти, ако Израел користел глупави бомби за да ги срамни со земја куќите на Палестинците што вештачката интелигенција ги поврзала со милитантните групи во Газа, ова може да го објасни шокантно високиот број жртви во војната.
Одговарајќи на објавените сведочења во +972 и Локал кол, ИДФ рекле дека операциите ги спроведуваат во согласност со правилата за пропорционалност според меѓународното право и дека глупавите бомби се „стандардно оружје“ што го користат пилотите на ИДФ на начин што обезбедува „високо ниво прецизност“.
Системот „Лаванда“ е опишан како база на податоци што се користи „за вкрстување на разузнавачки извори, за да се произведат ажурирани слоеви информации за воените оперативци на терористичките организации“.
„ИДФ не користи систем за вештачка интелигенција што ги идентификува терористичките оперативци или се обидува да предвиди дали некој е терорист“, се додава. „Информациските системи се само алатки за аналитичарите во процесот на идентификување на целите“.
„Лаванда“ создала база на податоци од десетици илјади поединци
Гардијан пишува дека во претходните воени операции на ИДФ, идентификувањето човечки цели честопати било процес што бара многу работа. Изворите што го опишале обележувањето на целите во претходните војни велат дека одлуката да се „инкриминира“ некој поединец или да се идентификува како легитимна цел би била разгледана, а потоа би ја одобрил правен советник.
Изворите рекле дека во неделите и месеците по 7 октомври оваа шема на одобрување напади врз човечки цели драстично се забрзала.
„Постојано бевме под притисок да дадеме уште цели. Ни викаа. Ни велеа: сега треба да го здробиме Хамас, без разлика на цената. Сè што можете, бомбардирајте“.
За да го задоволат ова барање, ИДФ во голема мера се потпирале на „Лаванда“, за да создаде база на податоци за поединци за кои се оценува дека ги имаат карактеристиките на милитантите на ПИЏ или на Хамас.
По случаен избор на примероци и вкрстена проверка на предвидувањата, единицата заклучила дека системот постигнал стапка на точност од 90 проценти, што довело до тоа ИДФ да ја одобри неговата широка употреба како алатка за препораки за целите.
„Лаванда“ создала база на податоци од десетици илјади поединци што биле означени како претежно нискорангирани членови на военото крило на Хамас. Користен е и друг систем заснован на вештачка интелигенција, наречен „Евангелие“, кој како цели за напад препорачувал згради и структури.
„Во својот зенит, системот успеа да генерира 37.000 луѓе како потенцијални човечки цели. Но бројките постојано се менуваа, бидејќи зависи од тоа каде ќе ја поставите границата на она што е оперативец на Хамас“, рекол еден од изворите.
„Имаше моменти кога Хамасовиот оперативец се дефинираше пошироко, а потоа машината почна да ни исфрла секакви видови персонал за цивилна заштита, полицајци, на кои би било штета да се фрлаат бомби. Тие ѝ помагаат на владата на Хамас, но всушност не ги загрозуваат војниците“, рече тој.
Пред војната, САД и Израел проценуваа дека военото крило на Хамас имало приближно 25-30.000 луѓе. Во неделите по милитантниот напад врз јужен Израел на 7 октомври, беше донесена одлука како потенцијални цели да се третираат Палестинците поврзани со военото крило на Хамас, без разлика на рангот или значењето, рекле изворите, додавајќи дека процесот на таргетирање бил „релаксиран“ во најинтензивната фаза од бомбардирањето.
„Постоеше комплетно толерантна политика во однос на жртвите од операциите (бомбардирањата). Политика што е толку толерантна што според мене имаше елемент на одмазда“, рекол еден извор.
Друг извор, кој ја правдал употребата на „Лаванда“ за да се идентификуваат нискорангирани цели, рекол дека „кога станува збор за понискорангиран оперативец, не сакате да вложувате работна сила и време во тоа“. Тие рекле дека во војната нема доволно време за внимателно да се „инкриминира секоја цел“.
„Значи, вие сте спремни да ја искористите маргината на грешка со користењето вештачка интелигенција, ризикувајќи колатерална штета и смрт на цивили, и ризикувајќи напад по грешка, и да живеете со тоа“, додале тие.
„Многу е полесно да бомбардирате семеен дом“
Сведоштвата објавени од +972 и Локал кол можат да објаснат како една таква западна армија со толку напредни капацитети, со оружје што може да изврши многу прецизни напади, нанела толку голем број жртви.
Кога станувало збор за таргетирање на осомничени нискорангирани членови на Хамас и на ПИЏ, се претпочитало да се нападне кога се верувало дека се дома.
„Не бевме заинтересирани да убиваме оперативци (на Хамас) само кога се во воена зграда или се вклучени во воена активност. Многу е полесно да се бомбардира семеен дом. Системот е дизајниран да ги бара во такви ситуации“, рекол еден извор.
Таквата стратегија ризикува поголеми цивилни жртви, а изворите рекле дека ИДФ вовела однапред одобрени ограничувања на бројот на цивилите што е прифатливо да се убијат при напад врз еден единствен милитант на Хамас. Овој однос се менувал со текот на времето и варирал во зависност од рангот на целта.
Според +972 и Локал кол, ИДФ смета дека е прифатливо да се убијат повеќе од 100 цивили во нападите врз високи функционери на Хамас.
„Имавме пресметка колку (цивили може да бидат убиени) за еден командант на бригада, колку (цивили) за еден командант на баталјон и така натаму“, рекол еден извор.
„Имаше прописи, но тие едноставно беа многу благи“, додал друг. „Убивавме луѓе како колатерална штета во високи двоцифрени, ако не и ниски троцифрени бројки. Тоа се работи што не се случувале порано“, додал тој.
Еден извор рекол дека дозволената граница на цивилни жртви била намалена со текот на времето и дека во еден момент била само пет. Во текот на првата недела од конфликтот, рекол изворот, беше дадена дозвола да се убиваат 15 неучесници во борба за да се уништуваат милитанти од низок ранг во Газа. Сепак, тие рекле дека процените за цивилните жртви се непрецизни, бидејќи е невозможно со сигурност да се знае колку луѓе имало во зградата.
Друг разузнавач рекол дека во подоцнежните фази на конфликтот, стапката на дозволена колатерална штета повторно била намалена. Но во претходната фаза, им било дозволено и да убијат до 20 цивили за еден оперативец, без разлика на нивниот чин, воено значење или возраст.
„Не само што можете да го убиете кое било лице што е војник на Хамас, што е јасно дозволено и легитимно во однос на меѓународното право. Но тие директно ви велат: ‘Дозволено е да го убиете заедно со многу цивили’… Во практиката критериумот на пропорционалност не постоеше“, рекол изворот.
Во соопштението на ИДФ се наведува дека за нивните процедури „е потребно спроведување индивидуална процена на очекуваното воено напредување и колатералната штета… ИДФ не изведува напади кога очекуваната колатерална штета од нападот е преголема во однос на военото напредување“. Во него се додава: „ИДФ целосно ги отфрла наводите за каква било политика за убивање десетици илјади луѓе во нивните домови“.
Експертите за меѓународно хуманитарно право што разговарале со Гардијан изразиле загриженост поради наводите дека ИДФ прифаќала и однапред одобрувала колатерална штета од дури 20 цивили, особено за милитанти од низок ранг. Тие рекле дека војската мора да ја процени пропорционалноста за секој поединечен напад.
Еден експерт за меѓународно право во американскиот Стејт департмент рекол дека „никогаш ни од далеку не слушнале дека соодносот еден спрема 15 се смета за прифатлив, особено за борци од понизок ранг. Тие имаат голема слобода, но ова ми изгледа екстремно“, рекол тој.
Сара Харисон, поранешна адвокатка во американското Министерство за одбрана, сега аналитичарка во меѓународната Кризна група, рекла: „Иако може да има одредени прилики каде што 15 колатерални цивилни смртни случаи би можело да бидат пропорционални, има и други моменти каде што дефинитивно не би биле. Не можете само да поставите толерирачки број за една категорија на цели и да кажете дека тој во секој случај ќе биде законски пропорционален“.
Без оглед на правното или моралното оправдување за израелската стратегија за бомбардирање, некои од неговите разузнавачи сега се чини дека го доведуваат во прашање пристапот поставен од нивните команданти. „Никој не размислуваше што ќе прави потоа, кога војната ќе заврши, или како ќе биде можно да се живее во Газа“, рекол еден од нив.
Друг рекол дека по нападите на Хамас на 7 октомври, атмосферата во ИДФ била „мачна и одмаздничка“. „Имаше несогласување: од една страна, луѓето овде беа фрустрирани што не напаѓаме доволно. Од друга страна, на крај гледате дека дента загинале уште илјада жители на Газа, повеќето од нив цивили“.