понеделник, 28 октомври 2024

Доколу ништо не се смени, до 2070 година Македонија ќе има 1,3 милиони жители

Сите седум проекции за населението во Македонија до 2070 година на Државниот завод за статистика (ДЗС) упатуваат на намалување на вкупното население во земјава. Доколу ништо не се промени и останат параметрите од 2022 година вкупното население до 2070 ќе се намали на 1.3 милиони жители. Проекциите се под претпоставка дека во земјата и регионот нема да има војни, ќе има нормална и стабилна внатрешно-политичка состојба, во првата половина на 2030-тите ќе се заврши процесот на асоцијација во ЕУ, ќе има економски развој и нема да има големи здравствени состојби.

Објавено на

часот

Сподели

Директорот на ДЗС Апостол Симовски, посочи дека проекциите на населението претставува моделирање на демографската иднина, базирано на претпоставки за движењето на морталитетот, фертилитетот и миграциите во дефинираниот период, без утврдување на веројатноста на нивното остварување.

„Проекциите се алатка на креаторите на политики што ќе им помогне во носење на соодветни мерки“, нагласи Симовски.

Претседателот на државата Стево Пендаровски, на промоцијата рече дека позагрижувачко од негативните демографски трендови, е да немате свесност за проблемот.

„ДЗС врз основа на резултатите од Пописот 2021 изготви проекција според која населението до 2070 би се намалило на 1,3 милиони. Од трите клучни елементи, стапката на фертилит, морталитет и миграција, најзагрижичувачки е третиот. Барем засега, кај нас најзагрижувачки е стапката на иселување, а не стапката на фертилитет“, изјави Пендаровски.

Според многумина, најголема причина за иселувањето е корупцијата, рече Пендаровски, посочувајќи дека се повеќе луѓе се иселуваат не поради ниската плата, туку поради квалитетот на животот.

„Целта на проекциите не е да не турне во апатија, туку да не освести“, нагласи Пендаровски.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи порача да не ги следиме демографските случувања згрчени, исплашени и во шок, туку во нив да гледаме можност за креирање на поголема инклузивност и негување на човечкиот капитал.

Тој укажа на потребата од носење системски промени и одлуки, а како најзагрижувачки податок од Пописот во 2021 година го истакна делот за младите и јасниот тренд за нивно заминување во изминатите 20 години. 

„Податоците од пописот покажаа јасен тренд на заминување на младите во овие 20 години. Проекциите укажуваат дека тој тренд ќе продолжи. Нашата земја веројатно нема да ја измине и трендот на засилена емиграција при влез во Европската Унија. Ова искуство го имаат сите земји при пристапувањето, но исто така и по влезот во Европска Унија бележат враќање на иселените граѓани назад во земјата, или задржување на бројот на население“, рече Битиќи.

За жал, нагласи Битиќи, проекциите може да станат реалност и тие не смее да се премолчат. 

„Веќе се сопнуваме на нив. Некој 20 години ни ги сокривал под тепих, 20 години не преземал ништо, 20 години некој ни ја крадел иднината. Време е за поинаку. Сметам дека следните неколку години се нашата шанса за да направиме вистинска промена. Која почнува од сите нас. Затоа ве молам, сите до кој ќе стигне можеби оваа моја порака денеска, да бидеме корективот кој ни е потребен. Не критичарот. Корективот. Да можеме да гледаме во податоци, во предизвици, без порив за обвинување, туку со желба за подобрување. Со разбирање на поголемиот контекст кој се случува околу нас и разбирање на нашето место и улога во него“, рече Битиќи. 

Битиќи укажа дека следен тест дали вистински сме подготвени да исчекориме напред и вистински да работиме за иднината е токму усвоујувањето на Националната развојна стратегија во која се вклучени проекциите на населението, којашто е веќе скоро изготвена и за кратко треба да биде изгласана во Собранието.

Тој наведе и дека секоја Влада, мора да биде способна да ја проектира и предвиди својата демографска иднина, за да може да антиципира, планира и соодветно да одговори. Ова, оцени, е белег на „демографска отпорност“ но и одраз на државничка одговорност.

Сите седум проекции за населението во Република Северна Македонија до 2070 година на ДЗС упатуваат на намалување на вкупното население во земјава.Набљудувано по проекциски варијанти населението на земјата, од појдовните 1.832.000 во 2022 година, до крајот на проекцискиот период би се движело во интервал од 501.200 (константна варијанта), до 1.485.700 (варијанта без миграции). Доколу ништо не се промени и останат параметрите од 2022 година вкупното население до 2070 ќе се намали на 1.3 милиони жители. 

Остварувањето на проекцијата кај која е претпоставено изостанување на надворешните миграции, со умерено зголемување на нивото на фертилитет, како и континуирано и релативно интензивно намалување на смртноста, би резултирало со намалување на населението за „само“ 346 илјади луѓе или за една петтина (19 проценти) во однос на почетокот на проекцискиот период.

Кај останатите пет варијанти, разликите во интензитетот на намалувањето на бројот на населението би биле помалку изразени, но, сепак, прилично интензивни. Според варијантата на средниот фертилитет, вкупното намалување би изнесувало 35 проценти (од 1,8 на 1,2 милиони жители).

Истовремено, остварувањето на варијантата на висок фертилитет би резултирало со намалување на населението за 23 проценти (од 1,8 на 1,4 милиони).

„Треба да се истакне дека единствено според таа варијанта, намалувањето на населението не би било континуирано. Имено, под претпоставка на остварување на релативно брзо зголемување на фертилитетот, кој почнувајќи од 2034 година би се стабилизирал на 2,03 деца по жена, би можело да дојде до стопирање на процесот на намалување на населението, но дури после три децении, односно почнувајќи од 2064 година. Тоа укажува на комплексноста на демографската состојба во земјата, која најдобро се согледува преку ефектите од негативното миграциско салдо и многу интензивниот и напреднат процес на стареење на населението“, се посочува во публикацијата на ДЗС.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ