Самостојно на изборите, според досегашните најави, одат ЗНАМ – За наша Македонија и партијата Левица.
Следната недела на 4 април започнува изборната кампања за седмите претседателски избори на кои во првиот круг на 24 април ќе се гласа за седум кандидати. Парламентарните избори, пак, се закажани на 8 мај, а до 2 април учесниците на изборите треба да ги достават до ДИК листите со кандидати за пратеници.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера со 24 политички субјекти и организации потпиша Повелба за стратешко коалицирање и утврдување на принципите на идна работа на коалицијата наречена Твоја Македонија. Дел од оваа коалиција се партијата Достоинство на Стојанче Ангелов, Демократски сојуз на Павле Трајанов, Обединети за Македонија на Љубе Бошковски, Македонски концепт на Петар Богојески, Глас за Македонија на Солза Грчева, ТМРО на Ванчо Шехтански… Како партнери остануваат и Социјалистичката партија на Македонија, Демократската партија на Србите во Македонија, Движењето за национално единство на Турците, Демократската партија на Ромите, Демократски сили на Ромите, како и Партијата на Власите.
По потпишувањето на Повелбата, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски истакна дека коалицијата се обврзува дека при реализација на програмата за претседателските и парламентарните избори целосно и недвосмислено ќе се води од принципите на одговорност и транспарентност во политичкото дејствување.
Ова, како што рече, е финалната предизборна коалиција со која ќе настапат на претстојните избори.
СДСМ, пак, вчера соопшти дека на средба меѓу партискиот претседател Димитар Ковачевски и основачот и претседател на Српската странка во Македонија, Мирослав Јовановиќ, е потврдена проширувањето на Коалицијата за европска иднина.
Според СДСМ, Коалицијата за европска иднина ќе го обезбеди остварувањето на втората стратешка цел, членството на Северна Македонија во ЕУ. Оттаму велат дека имаат јасен план за европски животен стандард, просперитетна и развиена држава, во која функционира демократијата, владеењето на правото и социјалната правда.
Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во седиштето на партијата во средата потпиша коалициски договор со лидерите на партиите кои влегоа во „Коалиција за европска иднина“. Коалицискиот договор го потпишаа СДСМ, НСДП, ЛДП, Партијата за движење на Турците, Партијата на пензионери, ДОМ, ВМРО НП, Демократски сојуз на Власите во Македонија, ПОЕН, Сојуз на Ромите во Македонија, Десница, Партијата за демократски просперитет на Ромите, СДА, а кон коалицискиот договор се приклучи и Движењето Нова Република.
„Победничката проевропската коалиција ќе ја формира новата проевропска влада по завршувањето на претстојните избори, ќе биде предводник во реформските процеси и ќе се залага за завршување на преговорите со ЕУ до 2028 година и членство до 2030 година, наспроти нови 11 години изолација и заглавување кои ги нуди опозицијата“, наведуваат од СДСМ.
Европскиот фронт предводен од ДУИ вчера потпиша коалициски договор со Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија. Лидерот на ДУИ Али Ахмети потенцира дека обединувањето околу овој фронт не е привремено, туку е долгорочно, за, како што рече, да ги реализираат и нештата што останале недовршени.
„Има многу нешта за да ги истакнеме – правичната застапеност, остварувањето во пракса на албанскиот, турскиот и ромскиот јазик. Секако дека има уште многу работи да се прават, но главната цел на целиот на овој фронт е нашата земја да ја зачлениме за кратко време во Европската Унија. Ние ќе се бориме во овој фронт со цел оваа држава да биде „мајка“ за сите“, рече Ахмети.
Досега кон Европскиот фронт предводен од ДУИ се приклучија ДПА, Европската демократска партија, Народното движење, Унијата на Ромите, Демократската партија на Турците. Денеска во Гостивар договор ќе биде потпишан и со крилото на Алијанса за Албанците на Зијадин Села.
Коалициски договор за заеднички настап на претстојните избори поптишаа и ГРОМ – Граѓанска опција за Македонија, ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија и ПЦЕР – Партија за целосна еманципација на Ромите. Договорот беше потпишан од тројцата партиски лидери Стевчо Јакимовски на ГРОМ, Љупчо Ристовски на ИНТЕГРА и Самка Ибраимовски на ПЦЕР. Дел од програмата на оваа Коалиција Храбро за Македонија со која ќе учествуваат на претстојните се непромена на Уставот, пораст на животниот стандард, социјална заштита на граѓаните, подобро образование….
Албанската опозиција на изборите ќе настапи како коалиција ВРЕДИ. Алијанса за Албанците на Арбен Таравари и партиите од коалицијата Европски сојуз за промени (ЕСП), Демократско движење, Движењето БЕСА и Алтернатива, на 17 февруари годинава потпишаа Декларација за обединување во пресрет на претседателските и парламентарни избори.
Во декларацијата што ја потпишаа лидерите на АА Арбен Таравари, на Демократското движење, Изет Меџити, на Алтернатива Африм Гаши и на Движењето Беса Биљал Касами, истакнуваат дека поставуваат темели на нова ера кај албанските партии во државава. Нивни кандидат на претседателските избори ќе биде Таравари.