петок, 18 октомври 2024

Додик вели дека РС може да се отцепи за неколку недели

Лидерот на босанските Срби Милорад Додик изјави дека има пријатели во светот кои ќе спречат меѓународна воена интервенција во случај Република Српска да прогласи отцепување од Босна и Херцеговина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во интервју за ентитетската Телевизија РС (РТРС), Додик се закани дека отцепувањето или прогласувањето на независна РС ќе следи во истиот момент кога високиот претставник за БиХ Кристијан Шмит евентуално ќе наметне закон со кој се решава статусот и правото на располагање со државниот имот. Тој вели дека има информации дека ваква одлука би можела да следи во јануари и најави дека во тој случај Собранието на РС веднаш ќе се состане и ќе прогласи отцепување.

Тој објасни дека тоа значи „независност (од Босна и Херцеговина) во сè“, со што РС нема да спречува преминување низ нејзината територија, односно воспоставување „тврда“ граница кон Федерацијата Босна и Херцеговина, но ќе го направи тоа доколку стане неопходно.

„Не очекуваме дека некој од Федерацијата БиХ да се охрабри и да ја нападне РС. И во такви околности, ќе процениме како ќе постапиме. Очекувам ЕУФОР да застане на линијата меѓу ентитетите и да спречи контакт“, рече тој.

Тој оцени дека во ваквото сценарио „Американците ќе бидат бесни и ќе се обидат да побараат интервенција“, но смета дека пријателите на РС тоа нема да го дозволат.

Тој не појасни на кои пријатели мисли, но познато е дека Додик во моментов освен во Белград има пријатели само во Москва и Будимпешта, бидејќи има добри односи со рускиот претседател Владимир Путин и со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Од јануари следната година, токму Унгарија е таа која од Австрија ќе ја преземе командата над воените сили на Европската унија во БиХ (ЕУФОР), чија задача е да спречат можни вооружени конфликти, но и да се гарантира слободата на движење низ БиХ, бидејќи ова е обврска која произлегува од Дејтонскиот договор.

Самиот висок претставник досега не ја спомна можноста за наметнување закони за државниот имот, а постојано потенцираше дека тоа е обврска и одговорност на властите во БиХ. Во моментов, Шмит планира само да наметне технички измени во изборниот закон на БиХ во случај во текот на јануари парламентот на БиХ да не донесе одлуки кои ќе го обезбедат интегритетот на изборниот процес.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ