вторник, 22 октомври 2024

Додик: Нема сецесионистичка реторика, суверенитетот на БиХ го загрозуваат американските функционери

Претседателот на Република Српска Милорад Додик изјави дека не постои никаква сецесионистичка реторика, туку дека РС се бори за зачувување на Дејтонскиот договор.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ние сакаме да го зачуваме Дејтон, а тие од чие перо излезе го уриваат. Не постои никаква сецесионистичка реторика, иако со сите сили се трудат да ја одржат таа лага“, порача Додик на социјалната мрежа Икс.

Додаде дека „единствената вистина е дека Република Српска решително се бори да го зачува Дејтонскиот договор“, повторувајќи дека РС сака со уставот предвидена Босна и Херцеговина, а не противуставна БиХ.

„Во последните неколку години гледаме вистинска инвазија на американски претставници во БиХ, кои се обидуваат да ни објаснат како треба да живееме и функционираме, бидејќи, ете, тие знаат подобро од нас“, наведе Додик.

Додаде дека тој на сите состаноци со американските претставници „секогаш ги претставувал и бранел интересите на српскиот народ и настојувал да го изнесе ставот на Република Српска дека сака да ја зачува дејтонска БиХ, која е единствената прифатлива“.

„Со години ги слушаме истите обвинувања, кои се бесмислени и немаат никаква цел освен на бошњачката страна да ѝ се обезбеди подобра позиција и доминација над другите два конститутивни народи“, оцени Додик.

Тој наведе дека Република Српска е определена за дијалог со сите страни, додавајќи дека во РС „не се ни наивни ни луди за да не видат што стои зад обвинувањата на нејзина сметка“.

„Кога и да дојдат Американците, нешто битно се случува за нив. Сега треба да веруваме дека најголемиот нивен проблем е Српска, а не американскиот гас кој го сакаат во Федерацијата БиХ“, наведе Додик по повод посетата на Сараево на помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски работи Џејмс О’Браен.

Наведе дека американските функционери постојано ја повторуваат приказната за зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет на БиХ, кои токму тие ги загрозуваат со секојдневните напади на Дејтонскиот договор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ