четврток, 18 јули 2024
Отчет на министерот Алиу за 100 дена работа

До крајот на годината МИОА ќе овозможи 150 нови електронски услуги за граѓаните

Објавено на

часот

Сподели

„Како Министерство за информатичко општество и администрација имаме Централен регистар на население каде дневно се ажурираат сите податоци на граѓаните. Со промоција на таа база на население на граѓаните и поврзување со сите институции ќе се надмине проблемот при промена на адреса на живеење, на презиме, на име на улица, бидејќи реално тој систем дневно се ажурира“, рече Алиу на новинарско прашање на прес-конференцијата на која даде отчет за првите 100 дена од работата на неговиот Кабинет. 

Вториот момент за надминување на ваквите состојби, според него, е интероперабилноста помеѓу институциите, каде, како што вели, многу бргу ќе се види напредок. 

„Со што подобра интероперабилност комуникацијата ќе биде подобра и во реално време на ниво на институциите. Дигитализацијата на услугите е процес, ниту почнал ниту ќе заврши со нас. Ве уверуваме дека до крајот на годината ќе имаме различна слика во е – услугите бидејќи интензивно работиме во подобрување и на националниот портал, кој ќе биде инклузивен, а исто така ќе биде достапен и за граѓаните со попреченост. Интензивно работиме на креирање на веб страните со ЕУ стандарди за да може да бидат исто така прифатливи и читливи за граѓаните со попреченост,“ рече Алиу. 

Во отчетот за сработеното во првите 100 дена рече дека активно се работи на основањето на Дигиталната агенција која ќе се фокусира на дигитална инклузија, дигитални јавни услуги со што ќе се подобри економијата на земјата, транспарентноста и отчетноста на институциите. Активно се развиваат стратешки документи со единствена цел, како што рече, да се биде во чекор со дигиталната стратегија на ЕУ „Дигитален Компас“.

Алиу информираше дека е при крај изработката на новите национални стратегии за ИКТ и сајбер безбедност, како и дека во изминатите 100 дена имало, како што рече, извонредно проширување на дигиталните услуги на националниот портал со ветувањето за дигитализација на повеќе од 150 нови електронски услуги до крајот на годината.

„Овој напредок ги осигурува граѓаните да имаат лесен пристап до услугите без непотребни доцнења или потреба да се движат низ тешките бирократски процеси“, рече министерот, додавајќи дека Националниот портал сега на граѓаните ќе им нуди електронски услуги и на албански јазик.

Министерот за информатичко општество и администрација потсети дека се почнати активности и за создавањето на „Една точка за услуги“ на 333 локации низ државата во соработка со Пошта, преку која граѓаните ќе може да добијат документи.

„Една точка за услуги“ веќе се применува во Скопје, Куманово, Битола, Тетово и Охрид, рече Алиу.

Според него, финализирана е и новата Стратегија за реформа на јавната администрација за периодот 2023-2030, како и законите за вработените во јавниот сектор и за административни службеници, кои се во владина процедура,  а како што рече, се работи активно и на процесот на реорганизација и оптимизација на органите на државната администрација, агенциите и инспекциските служби.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ