понеделник, 25 ноември 2024

ДКСК: Дипломатскиот пасош е законско право, а не привилегија

Новиот состав нa Државната комисија за спречување на корупцијата мандатот го почна пред пет месеци, на 8 февруари годинава. Во овој период, кога имаше и речиси тримесечен изборен период на двојни избори, досега се затворени 21 предмет од областа на судир на интереси, 61 предмет од областа на спречување на корупција, 107 предмети од следење на имотна состојба, а на седницата закажана за в среда на 24 јули, ќе бидат разгледувани околу 150 предлог одлуки по оформени предмети од новиот состав на ДКСК. Дополнително, почнати се и активно се постапува на точно 103 постапки за прекршоци предвидени во Законот за спречување на корупција и судирот на интереси, се вели во реакцијата на ДКСК на информациите за нивното барање за издавање на дипломатски пасоши на сите членови на комисијата.

Објавено на

часот

Сподели

„Потенцираме дека само и единствено со вакви факти ќе ја презентираме успешноста на нашата работа, наспроти популизмот наметнат во јавноста. Сметаме дека возењето велосипеди или одењето со автобус на работа е чист популизам со кој не се оправдува бројот на незатворени предмети од претходниот состав на ДКСК. Дополнително поранешната претседателка во јавноста беше присутна со паушални поединечни изјави за секакви случаи без претходно да се провери документацијата и да се направи проценка дали има основи за отворање на предмети. Ваквиот начин на работа не треба да биде мерило за успешност или можеби треба бидејќи факт е дека на претходната ДКСК за цел мандат ѝ беа прифатени исклучително мал број на иницијативи за поведување на постапка за кривично гонење од страна на Јавното обвинителство.

Иако според претходниот состав на ДКСК тоа се должеше на несоодветната работа на Јавното обвинителство можеби причините треба да се бараат во немањето на доволно аргументи, површноста и квалитетот на иницијативите.

Како врвни професионалци во својата област ние сме избрани од Собранието на Република Северна Македонија со консензус од сите политички партии и Собранието е првото место за контрола и оценка на нашата работа, а јавноста секогаш ќе биде навремено информирана за нашата работа. Во оваа насока, а наспроти популизмот наскоро на јавноста ќе ѝ го презентираме извештајот за извршената внатрешна ревизија на институцијата, при што ќе побараме од сите надлежни институции да постапат согласно своите законски надлежности.

Во однос на темата од интерес на јавноста, поседување на дипломатски пасоши, го цитираме Законот за патните исправи на државјани на Република Северна Македонија, или прецизно делот од член 11, во кој се вели:„Дипломатски пасош се издава на избрани и именувани лица, раководни државни службеници и раководни работници во државни органи; на дипломатско-конзуларни службеници вработени во Министерството за надворешни работи или упатени на работа во дипломатско – конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во странство;……..“

Потенцираме дека претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска како и членовите на новиот состав на ДКСК Цвета Ристовска, Софија Спасова Медарска, Бесник Џемаиљи, Билјана Каракашова Шулев, Сервет Демири и Зоран Богоевски, се избрани едногласно од страна на Собранието каде што имаат дадено и свечена изјава на почетокот на нивниот мандат дека функцијата ќе ја извршуваат одговорно и професионално. Дипломатскиот пасош според закон не е привилегија, туку е само право кое служи единствено за извршување на службената должност на членовите на ДКСК и тоа право никогаш нема да се употребува за приватни цели.

Ова право не си го доделува самата ДКСК, туку законот кој го донел парламентот и министерот кој е овластен со процедура според законот. За да нема дилеми во јавноста и поради крајна транспарентност го повикуваме и новиот министер за надворешни работи да ја преиспита одлуката за дипломатските пасоши на ДКСК, а исто така и пратениците самиот закон доколку сметаат дека има потреба од тоа.

Што се однесува до темата службени автомобили, одговорно изјавуваме дека до ниту една државна институција никогаш не е испратено барање за доделување на службени автомобили на членовите на ДКСК вклучувајќи ја и претседателката Димитровска. Во рамките на ребалансот на Буџетот на РСМ, ДКСК не побарува финансиски средства за купување на автомобили.

ДКСК како институција има потреба од службени возила и за истите ќе се бара соодветно решение, но потенцираме ниту се побарани, ниту ќе бидат барани одделни возила за членовите на ДКСК.

На крајот укажуваме дека ДКСК транспарентно ќе ја извршува својата работа и во секое време им стои на располагање на медиумите за повеќе информации. Oттука, целосна дезинформација е веста дека сме побарале нови возила за секој член на Комисијата. Тоа би било спротивно со самата функција на секој член на Комисијата. Очигледно на некој му пречи објективното и законското постапување на ДКСК, штом упорно сака да ја дефокусира јавноста со пласирање неточни информации“, се вели во реакцијата на ДКСК.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ