Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека Владимир Путин работи во Кремљ, пренесе новинската агенцијата РИА. Руските војници поставиле митралези на југозападниот раб на Москва, според фотографиите објавени од весникот Ведомости.
На фотографиите се гледа и вооружена полиција која се собира на местото на автопатот по кој се движат платениците на Вагнер, а што води до главниот град на Русија.
Рускиот претседател вети денеска дека ќе го уништи, како што го нарече „вооружениот бунт“, откако водачот на бунтовничките платеници Пригожин изјави дека ја презел контролата врз Ростов на југот од Русија како дел од обидот да го собори руското воено раководство.
Драматичниот пресврт, со многу нејасни детали, се чини дека е најголемата домашна криза со која се соочи Путин откако нареди општа инвазија на Украина во февруари минатата година.
Во телевизиско обраќање, Путин рече дека „прекумерните амбиции и интереси доведоа до предавство“, а бунтот го нарече „прободување со нож во грбот“. „Тоа е удар за Русија, за нашиот народ. И нашите акции за одбрана на татковината против таквата закана ќе бидат остри.
„Сите оние кои намерно тргнаа по патот на предавството, кои подготвија вооружен бунт, кои тргнаа по патот на уцените и терористичките методи, ќе ја сносат неизбежната казна, ќе одговараат и пред законот и пред нашиот народ, изјави Путин.