Највисокиот функционер на компанијата за производство на авиони Стен Дил исто така на состанок во градското собрание во Рентон, град во државата Вашингтон каде што се произведува авионот 737, рече дека Боинг ја признава „вистинската сериозност на несреќата“ додека започнува проверки на контролата на квалитетот и процесот.
Забелешките на Калхун беа прво јавно признание на Боинг за грешките откако панелот на речиси полн 737 Макс 9 експлодираше во петокот при лет, оставајќи широка дупка покрај празно седиште.
Калхун рече дека бил „потресен до срж“ од несреќата, што повторно го зголеми притисокот врз Боинг поради неговите проблематични авиони речиси пет години по безбедносната криза на Макс, предизвикана од смртоносните несреќи во Индонезија и Етиопија.
„Пред сè, ќе пристапиме кон ова признавајќи ја нашата грешка“, им рече Калхун на вработените, според извадокот објавен од Боинг. „Ќе пристапиме кон ова со 100 процента целосна транспарентност на секој чекор“.
Алјаска ерлајнс и Јунајтед ерлајнс, два американски авиопревозници кои ги користат привремено приземјените авиони, пронајдоа лабави делови на слични авиони, што ги зголеми стравувањата дека таков инцидент може да се повтори.
На одделен состанок вчера, Боинг му кажа на персоналот дека наодите се третираат како „прашања за контролата на квалитетот“ и дека се во тек проверки кај Боинг и добавувачот на авионскиот труп Спирит Аеросистемс, рекоа извори запознаени со ова прашање.
Боинг испрати писмени наредби до своите капацитети и фабриките на своите добавувачи за да се осигури дека ваквите проблеми се решени и да се спроведат поопсежни проверки на системите и процесите, рекоа тие.
Калхун, исто така, им рекол на вработените во Боинг дека компанијата „ќе се погрижи секој следен авион што ќе лета да биде безбеден.“ „И јас имам деца, внуци, исто како и вие“, им рекол Калхун на вработените, според транскриптот што го сподели Боинг. „Ова е важно. Секој детаљ е важен“.
Сега сè зависи од регулаторната агенција (ФАА), која ќе спроведе дополнителни инспекции и ќе одлучи кога и дали на спорниот авион ќе му биде дозволено повторно да лета. Акциите на „Боинг“ паѓаат на берзата веќе неколку дена по ред, а се очекува поради загриженост ваквиот тренд да продолжи.