Алексовска на денешната прес-конференција кажа дека согласно Законот за заштита на деца, градоначалникот три месеци пред истекот на нејзиниот мандат, требал да донесе одлука управниот одбор (УО) на установата да објави избор. Како што кажа, тој требало да постапи на 1 март годинава, и на истиот ден УО му достави известување. Според Алексовска поминале 23 дена од доставеното барање, а Димитриевски не постапил по известувањето, по што одборот го известил МТСП.
„Во утврдениот рок од страна на градоначалникот не беше донесена споменатата одлука, за што доказ е и архивата на градинката и на одлука на МТСП по што следеше одземање на ингеренции во делот на донесување на одлука УО да објави јавен оглас за избор на директор на детската градинка. Очигледно по добивањето на решението за одземање на ингеренцијата со молневита брзина, а со датум кој е дискутабилен 31 март е подготвена одлука од негова страна. Во установата е доставена на 4 април“, изјави Алексовска.
МТСП вчера му ги врати ингеренциите на Димитриевски кој, пак на прес-конференција обвини за централизација на институциите и на локалната власт на Куманово.