петок, 18 октомври 2024

Џон Малкович утревечер на Охридско лето

Објавено на

часот

Сподели

    Поврзувајќи ги класичната музика и глумата во еден голем сценско-музички проект, славниот актер утре ќе настапи во придружба на оркестарот на Виенската академија и сопранистите Чен Реис и Сузан Лангбејн. 

    Како што појасни селекторката на драмската програма на Охридско лето, Сања Арсовска, станува збор за претстава на авторот и режисер, Михаил Штурмингер, која својата драматушка структура и емотивна архитектура ја гради врз две спротивставености – комедијата и психолошката драма.

    „Од една страна серискиот убиец со лесна духовитист и луцидност ги нижи настаните од својот живот, а публиката ја лови во мрежа од ироничен хумор, и додека публиката мисли дека е заловена во комична атмосфера, на сцената почнува вистински пекол, придружен со оркестар и силни сопрани. Тука серискиот убиец Џек Унтервегер започнува да ги вади демоните од себе“, рече Арсовска.

    Актерот Џон Малкович, кој својата уметничка кариера токму и ја започна во театарот, појасни дека оваа претставата првпат ја одиграл на сцена пред 15 години, но оти истата е видоизменета, пред се поради органиченоста на уметничките перформанси наметната од коронавирусот.

    „Делото минатата година го освеживме, лично за мене се работи за претстава што многу сакам да ја играм, особено поради тоа што ги обединува класичната музика и актерската игра. Иновативниот пристап е она што ги привлекува луѓето“, рече тој.

    За насилството како тема третирана во самата претстава, актерот смета дека постојано е актуелна затоа што, како што рече, насилството е секогаш меѓу луѓето, за жал така и ќе биде…

    „Во својата основа ова дело поврзува две дијаметрално спротивставени погледи. Едниот е општествениот став заснован главно врз идејата за покајување, а од другата страна идејата за заштита на луѓето, особено на оној дел од популацијата што е ранлив на каква било форма на насилство. Двете тие идеи презентирани во претставата се во постојан конфликт“, рече актерот.

    За претставата рече дека е своевидно предупредување, дека одредени одлуки можат да донесат непредвидливи последици.

    „Одлуката за помилување може да биде политичка грешка. Од друга страна, сметам дека на секој човек треба да му се даде шанса за покајување. А помилувањето и покајувањето како концепти се постојано спротивставени. Во овој случај лошо проценетите одлуки резултираат со насилство“, вели тој.  

    Министерката за култура Бисера Костадинова – Стојчевска истакна дека честа е огромна што Малкович ќе се впише на листата најгламурузни уметници во фестивалската историја на Охридско лето, како еден од петте најелитни европски фестивали.

    „Малкович со својата драмска и уметничка вредност ќе остави траен белег на нашата најеминентна културно-сценска манифестација. Со богатото искуство и харизма како исклучителен  актер, режисер и продуцент, неговото присуство ќе придонесе за уште поголемо афирмирање на Охридско лето и нашата држава“, рече таа.

    Малкович пред медиумите за Охрид и Македонија нагласи дека се прекрасни од она што можел да го види досега. Наведе дека повеќепати бил во регионот и во државите на поранешната југословенска заедница, но оти ова му е првпат во Охрид. Неговите барања се доста скромни, она што е познато е дека побарал да го види манастирот Свети Наум, што ќе му биде исполнето веќе денеска.

    Инаку, за претставата е резервирана големата сцена на Античкиот театар, таа ќе се изведува пред над две илјади гледачи, а потврда за огромниот интерес кај публиката е тоа што бројни резервации за неа има од регионот, но и од Холандија, Франција, Бразил, САД…

    Малковиќ ќе престојува и во Скопје, каде во негова чест ќе биде организирана бизнис-уметничка вечера, откако актерот, продуцент и режисер најави дека во Македонија ќе гради филмски студија.

     

    ТОП ВЕСТИ

    ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ