вторник, 22 октомври 2024
Претседателите на парламенти на земји членки на НАТО на состанок во Вилнус

Џафери: Во овој мулти-поларен свет мораме да ја спречиме неговата поделба

Објавено на

часот

Сподели

„Мојата земја, Република Северна Македонија, е пример на земја која беше увозник, а денес е извозник на мир, активен партнер и контрибутор на алијансата. Преку остварување на оваа наша стратешка цел, која е мнозинска определба на сите наши граѓани, ние успеавме да ја заштитиме независноста, територијалниот интегритет, неповредливоста на меѓународно признатите граници на државата, но и да промовираме добрососедска политика и стабилност во поширокиот регион. Нашите заложби за придонес кон глобалниот мир и безбедност претставуваат водилка за нашите институции, за нивна континуирана подготовка на капацитети и способности за учество во меѓународните мисии и операции на НАТО, но и на Европската унија и Организацијата на Обединетите Нации“, рече Џафери.

Денес, за жал сме сведоци на различни поимања на примената и функционирањето на мултилатерализмот, како и на воведувањето на нови модели на наводна алтернативна демократија, истакна Џафери и додаде дека таквите системи на уредување си обезбедуваат внатрешни правни гаранции за неограничено владеење, за оправдано демонизирање на политичките опоненти, негирање и криминализирање на слободата на говорот.

„Она што уште повеќе загрижува, е нивниот тренд за извоз на ре-моделирана демократија надвор од нивните граници и придобивање на други држави во ново креираниот поредок. Меѓу инструментите кои ги користат за оспорување на глобалниот демократски политички пејзаж се хибридните закани, лажните вести и дезинформации кои директно влијаат на безбедноста на нашите општества, а сето тоа без употреба на војска или воено оружје. Нивното таргетирано влијание преку идеолошка војна ja погодува нашата демократска отпорност, ја намалува довербата на граѓаните во демократски избраните влади и парламенти и перцепцијата на граѓаните дека институциите имаат капацитет да се справат со овие појави. Нашиот регион на Западен Балкан е жив сведок на овие активности, особено во последната деценија“, кажа Џафери.

Во овој комплексен мулти-поларен свет кој ја предизвикува глобализацијата и мултилатерализмот, како држави и политичари мораме да делуваме брзо и да ја спречиме ваквата фрагментација, истакна Џафери бидејќи, како што кажа тој, истиот претставува сериозна закана за целиот свет.

„Немаме друга алтернатива освен да продолжиме да се бориме за опстојување на системот на владеење на правото, над системот на владеење на силата и менувањето на границите со употреба на сила. Нашата битка мора одлучно да продолжи преку зајакнување на постојните партнерства и потрага по нови, креативни партнерства и сојузи со држави и организации кои сè уште веруваат во свет заснован на демократски и либерални вредности, нивна заштита, долгорочна одржливост и резистентност кон овие негативни процеси. На нас како претставници на народот, ни останува да продолжиме да ги промовираме вербата и исправноста на мултилатерализмот, како единствен механизам кој овозможува мир и просперитет во светот“, заклучи Џафери во своето обраќање пред присутните на состанокот на високо ниво на претседатели на парламенти на земји членки на НАТО на тема „Глобални предизвици, глобални партнери, глобален НАТО“ што се одржува во главниот град на Литванија, Вилнус. 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ