сабота, 30 ноември 2024

Денес почнува БРИКС: можност за Путин да покаже дека не е осамен

Рускиот претседател Владимир Путин во наредните денови ќе пречека неколку светски лидери, меѓу кои и кинескиот Си Џинпинг, индискиот Нарендра Моди, турскиот Реџеп Таип Ердоган и иранскиот Масуд Пезешкијан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тие денеска ќе се соберат во рускиот град Казањ на самитот на блокот на земјите во развој БРИКС, пркосејќи им на предвидувањата дека војната во Украина и меѓународната потерница ќе го изолираат Путин на меѓународната сцена.

Алијансата, чија цел е да му се спротивстави на светскиот поредок предводен од Западот, првично ги вклучуваше Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, но оваа година почна брзо да се шири, истакнува агенцијата Асошиејтед прес. Иран, Египет, Етиопија, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија се приклучија во јануари; Турција, Азербејџан и Малезија официјално аплицираа за членство, а уште неколку земји изразија желба да станат членки.

Руските власти го гледаат тоа како огромен успех. Советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков, рече дека 32 земји го потврдиле учеството, а повеќе од 20 ќе ги испратат шефовите на своите држави.

На самитот беше поканет и српскиот претседател Александар Вучиќ. Во почетокот на септември на средбата со вицепремиерот на Владата на Србија, Александар Вулин, Путин рече дека го очекува Вучиќ во Казањ. Сепак, српскиот претседател до синоќа јавно не ја соопшти својата одлука за учество на самитот, а руските медиуми објавија, како што пренесува Н1, дека Србија во Казањ ќе ја претставува Вулин.

Фото: ЕПА

Визуелен ефект и зделки

Путин ќе одржи околу 20 билатерални состаноци, рече Ушаков, а самитот може да стане „најголемиот надворешнополитички настан некогаш одржан“ на руска територија.

Аналитичарите велат дека Кремљ сака да постигне и визуелен ефект, кој ќе ја овековечи глетката како Путин стои рамо до рамо со своите глобални сојузници во екот на постојаните тензии со Западот, како и практичноста на можните договори со нив за зајакнување на руската економија и воените напори. За другите учесници ова е можност погласно да ги изразат своите ставови и наратив.

„Убавината на БРИКС е во тоа што не ви наметнува премногу обврски“, вели Александар Габуев, директор на Карнеги центарот за Русија и Евроазија. „Навистина нема многу услови за членството во БРИКС. Во исто време, може да се појават интересни можности, вклучително и подиректни средби со сите овие лидери“. За Путин, самитот е од лична важност бидејќи го покажува неуспехот на обидите на Западот да го изолираат, додава Габуев за АП.

Кремљ ќе има можност да разговара со главните играчи како Индија и Кина за проширување на трговијата и заобиколување на западните санкции. Индија е важен пазар за руските суровини, додека Москва се надева дека во Кина ќе набави стоки со двократна намена, рече Габуев.

Русија, исто така, сака повеќе земји да учествуваат во проект за платен систем што би бил алтернатива на глобалната банкарска мрежа за пораки СВИФТ, овозможувајќи ѝ на Москва да тргува со своите партнери без да се грижи за санкциите.

„Руската идеја е дека ако создадете платформа каде што се Кина, Русија, Индија, Бразил и Саудиска Арабија, САД нема да сакаат да ѝ се нафрлат на таа платформа и да ѝ воведат санкции“, рече Габуев.

Јарослав Лисоволик, основач на организацијата БРИКС+ аналитикс, изјави за Ројтерс дека создавањето таков систем е технички изводливо, но ќе биде потребно време. „По значителното проширување на членството во БРИКС минатата година, веројатно е потешко да се постигне консензус“, рече тој.

Во документот подготвен од руското Министерство за финансии и централната банка, кој им беше поделен на новинарите пред самитот, постојните меѓународни финансиски институции, како што е ММФ, се обвинети дека им служат на интересите на западните земји.

Очекувањата од Иран и Кина

Се очекува Русија да потпише договор за „сеопфатно стратегиско партнерство“ со Иран, зајакнувајќи ги сè поблиските врски меѓу Москва и Техеран. По инвазијата на Украина, Иран испорача стотици беспилотни летала во Москва и помогна да се покрене нивното производство во Русија. Иран, за возврат, го сака софистицираното руско оружје, како што се системите за противвоздушна одбрана со долг дострел и борбените авиони, за одбрана од евентуален израелски напад.

За Кина, БРИКС е една од неколкуте меѓународни организации – заедно со Шангајската организација за соработка, фокусирана на безбедноста – преку кои се обидува да промовира алтернатива на светскиот поредок предводен од САД, посочува АП.

Фото: ЕПА

Самитот ќе им овозможи на Си и на Путин да ја истакнат својата блиска соработка. Двајцата лидери веќе се сретнаа двапати оваа година, во Пекинг во мај и на самитот на Шангајската организација за соработка во Казахстан во јули.

Иако тие ќе продолжат да претставуваат обединет фронт, експертите ги следат суптилните знаци на отуѓувањето на Си од Путин поради војната.

„Додека Путин сака односите меѓу Кина и Русија да изгледаат подобро од кога било, Си може да им сигнализира и на западните земји и другите дека Пекинг официјално останува неутрален во руската војна во Украина и не ѝ е формален сојузник на Москва“, вели Ева Зајверт, експертка за надворешна политика и безбедност од Институтот за кинески студии Меркаторе во Берлин. „Ова ќе биде клучно за претставувањето на Кина како сериозен и легитимен посредник во конфликтот меѓу Русија и Украина.“

Балансирање со Индија и Турција

Очекуваната средба меѓу индискиот премиер Нарендра Моди и Путин може да донесе одредено ребалансирање на нивните односи. Западните пријатели сакаат Индија да биде поактивна во убедувањето на Москва да ѝ стави крај на војната. Моди избегна да ја осуди Русија додека ја нагласуваше потребата од мирно решение.

Ова е втора средба меѓу двајцата лидери во последните неколку месеци. Моди ја посети Русија во јули, се сретна и со украинскиот лидер Володимир Зеленски во август, а во септември отпатува во САД, каде што се сретна со Џо Бајден.

„Индија не може едноставно да ја напушти Русија поради длабоките одбранбени врски, прашањата за регионалната рамнотежа на силите и логиката на повеќестрано усогласување“, вели Раџа Мохан, професор на Институтот за јужноазиски студии во Сингапур. „Истовремено, таа исто така ги гради и ги развива своите односи со САД и Западот, бидејќи логиката на економскиот развој и технолошкиот раст на Индија се потпира на партнерство.“

Индија и Бразил гледаат на БРИКС првенствено низ економската призма за промовирање на поправедна распределба на моќта во меѓународниот систем, додека „Кина и Русија повеќе го гледаат како геополитички форум“, рече Чијетиги Баџпаи, која ја проучува Јужна Азија во Чатам хаус во Лондон.

Индија и Бразил, исто така, не сакаат да бидат „вовлечени во кинеската гравитациона орбита“, вели Тереза ​​Фелон од Центарот за руски, европски и азиски студии.

Друг клучен учесник е Турција, која аплицираше за членство во БРИКС. Ова се случува во време кога оваа членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ е сѐ понезадоволна од постапките на Западот.

Преговорите за членство на Турција во ЕУ стагнираат од 2016 година поради споровите со Кипар и загриженоста за човековите права. Турските односи со Вашингтон се затегнати откако Турција беше исклучена од програмата за борбени авиони Ф-35 поради купувањето руски систем за противвоздушна одбрана. Ердоган, исто така, ги обвинува САД и другите западни сојузници за наводно „соучесништво“ во воените акции на Израел во Газа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ