Овогодинешниот Меѓународен ден на младите се слави под темата „Младински дигитални патишта за одржлив развој“, која нагласува дека младите кои користат дигитални алатки можат да придонесат во постигнување на Целите за одржлив развој (ЦОР).
„Преку проектот ЕУ за економски раст (ЕУ4ЕГ), над 30 стартапи, повеќето предводени од млади претприемачи, добија поддршка да се развијат во одржливи бизниси подготвени за инвестиции. Овие стартапи не само што придонесуваат за економскиот раст во државата, туку и решаваат критични прашања како што се климатските промени, безбедноста на храната и управувањето со ресурсите“, велат од ГИЗ.
Авифлај е стартап основан во селото Ранковце од 33 годишниот Дејан Михајлов, 31 годишниот Мартин Михајлов и 20 годишниот Филип Ковилоски. Нивниот стартап е специјализиран за прецизно земјоделство со користење на специјализирани дронови и софтвер за откривање болести, како и третман со дронови, сѐ со цел да им помогне на земјоделците да го подобрат управувањето со културите, да ги зголемат приносите и да ги оптимизираат ресурсите.
„Кај нас просечната возраст на еден земјоделец е 58 години, нивните методи се традиционални, а тоа го отежнува земјоделството и предизвикува значителни загуби. Со дигиталните технологии и вештачката интелигенција, нашите услуги можат да им помогнат да го намалат од 80 до 90 отсто од употребата на вода и за 40 отсто од употребата на пестициди, а притоа зголемување на жетвата. Употребата на дигитални технологии и вештачка интелигенција го прави земјоделството поефикасно и во исто време е попривлечно за младите земјоделци“, вели Михајлов.
Агротехнологијата, или земјоделската технологија, вклучува употреба на технологија и иновации за подобрување на ефикасноста, продуктивноста и одржливоста на земјоделството, а тоа е од клучно значење за решавање на глобалната безбедност на храната, намалување на влијанието врз животната средина и подобрување на работата на земјоделците.
Важноста на младите во агротехничките иновации дополнително е прикажана од Фиксигоу. 23 годишниците Филип Костадиновски и Горјан Спировски од Тетово основачи на овој стартап развија софтвер кој обработува податоци од сензори за почва со цел да ја подобри земјоделската ефикасност. Со обезбедување на податоци во реално време за условите на почвата, нивната технологија им овозможува на земјоделците да носат информирани одлуки кои ќе ја подобрат продуктивноста и одржливоста. Моментално своите услуги ги нудат на околу 30 земјоделци, а со поддршка од проектот ќе го подобрат софтверот и ќе се прошират на пазарот.
„Употребата на дигитални технологии е од суштинско значење – и сега и во иднина. Војната во Украина ја истакна ранливоста на земјоделскиот сектор и како глобалните кризи како што се климатските промени може да го загрозат снабдувањето со храна. Затоа, ние веруваме дека инвестициите треба да се насочат кон земјоделството, со фокус на оптимизирање на процесите и искористување на дигиталната технологија за решавање на проблемот со недостигот на работна сила, а младите мотивирани луѓе можат да направат многу во оваа насока“, вели Костадиновски.
Влијанието на дигиталните иновации водени од младите постои и надвор од земјоделството како што се секторите рециклирање и производство. Оваа иницијатива треба да создаде значително влијание, вклучително и отворање на 203 нови работни места со фокус на младите и жените, значително намалување на емисиите на јаглерод и зголемување на прометот на компаниите.
Таков пример е компанијата Митротек од Охрид каде 32 годишната Катерина Сталеска (32) го води процесот на производство на скара на пелети со употреба на ЦНЦ технологија и роботика.
„Дигиталната технологија е клучна во производството за оптимизација на процесите, а со поддршката од проектот, новите машини, софтверот и роботска машина за заварување, можеме да произведуваме скари кои се многу поеколошки, кои емитуваат помалку емисии на јаглерод од обичните“, вели Сталеска.
Проектот ЕУ4ЕГ е посветен на зајакнување на локалната економска активност и конкурентност во четири клучни региони Македонија, а со подобрување на пристапот до финансии и напредни деловни услуги, велат од ГИЗ, проектот ги поддржува стартапите, мирко, мали и средните претпријатија во остварувањето на нивниот потенцијал за раст.