среда, 6 ноември 2024
Претседателот на ДИК во ТВ гостување

Даштевски: ДИК може да работи и ако не се избере седмиот член

На прашањето дали изборите напролет може да се спроведат доколку не биде избран уште еден член на Државната изборна комисија (ДИК), претседателот на комисијата, Александар Даштевски вели дека нема пречки во тој поглед.

Објавено на

часот

Сподели

Изборот на членови на ДИК е исклучиво во надлежност на Собранието, но според законот, Државната изборна комисија може да работи ако има мнозинство, рече Даштевски во гостување на ТВ21.

„Тоа значи дека ако има шест члена ДИК може да работи непречено и законски. ДИК може да работи дури и со четири члена. Наше е да ги спроведеме изборите. Ние имаме искусен состав, неколку члена се веќе во втор мандат, а некои имаат и по три мандати. Мене исто така ми е втор мандат, само не во континуитет. Подготвени сме за изборите. Ако се избере членот, добро, но ако не се избере, легитимно и законски е да се работи и со шест члена“, додаде Даштевски.

Инаку, во Собранието уште не е избран член на ДИК на испразнетото место по заминувањето на Кренар Лога на министерската функција. Европскиот сојуз за промени смета дека тоа место како на опозиција ѝ припаѓа на коалицијата, но право смета дека има и Алијанса за Албанците чиј член е Лога. Партиите од опозициската албанска коалиција се заканија со радикални мерки доколку нивен член не биде избран, па дури и со блокада на избирачки места.

Во гостувањето на ТВ21, синоќа Даштевски посочи дека претстојните избори ќе чинат 17 милиони евра. Тој додаде дека побарале повеќе средства, но смета оти и оваа сума ќе биде доволна за успешно да се спроведат изборите.

Дел од парите, рече, ќе бидат наменети за медиумите, поточно кај партиите за изборно рекламирање. Како што нагласи, 40 отсто од парите одат кај најголемата опозициска партија, 45 отсто кај најголемата партија која е на власт, седум отсто кај партиите кои имаат свои претставници во парламентот и три проценти за другите партии кои немаат претставници во Собранието.

„Тие потоа се договараат, мора да имаат договори во однос на тоа кај кои медиуми колку време ќе се рекламираат“, појасни Даштевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ