среда, 30 октомври 2024

Дали навистина за масовното убиство во Србија се виновни само Западот и насилните игри?

Објавено на

часот

Сподели

Граѓаните, со право, се прашуваат како е можно малолетник да имал пристап до оружје, и детално да го испланирал ова дело. Многу детали сѐ уште не се познати, истрагата на надлежните е во тек, а она што засега со сигурност се знае е дека малолетниот напаѓач, според важечкиот закон, не може да биде кривично гонет.

Два дена по масовното убиство, атмосферата низ цела Србија беше слична на онаа за време на вонредната состојба поради пандемијата. Повеќето луѓе, неминовно, на работа и во разговори со пријателите и соседите ги прераскажуваа медиумските информации за трагедијата во Белград. За жал, на социјалните мрежи речиси веднаш почна „покажување со прст“. Мнозинството корисници побараа оставка од Владата на Србија, сметајќи ги политичарите за најодговорни за актуелната состојба. Други, пак, велеа дека „оставките ништо не би решиле“, што и не е далеку од вистината.

Особено негативен одек на социјалните мрежи доби изјавата на министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, кој е и претседател на Социјалистичката партија на Србија, од која доаѓа и министерот за образование.

„Министерот за образование (Бранко) Ружиќ рече дека е спремен да поднесе оставка, но дека тоа нема да го реши проблемот“, рече Дачиќ во својата изјава, додавајќи дека „ова се случува еднаш во 20 или 30 години“.

Тој заборави на сега веќе заборавениот случај од 2016 година. Тогаш полицијата во Нови Сад приведе тројца малолетници, кои беа осомничени дека запалиле бездомник што лежел на една од споредните улици, по што несреќникот починал. Малолетниците тогаш имале 12 и 13 години и исто како и последниот случај во Белград, не можеле да одговараат кривично, па биле ослободени од полициската управа во Нови Сад.

Исто така, голем број таблоидни портали, очекувано, се обидоа да дојдат до „повеќе кликови и лајкови“, често пренесувајќи од минута во минута и непроверени информации и гласини, придонесувајќи во конфузијата во општеството. И на голем број ТВ-канали за многу краток период пристигнаа различни експерти, но и „самопрогласени експерти“, од кои многумина, повторно очекувано, ги обвинија „западните вредности, интернетот и видеоигрите за негативно влијание врз децата“.

Дебата долга две децении

Дебатата за негативното влијание на видеоигрите врз децата и младите во САД и во земјите од Европската Унија се води повеќе од две децении. Првата игра што го доби епитетот „негативно влијание врз младите“ беше франшизата „Мортал комбат“ во средината на 90-тите. Во тоа време на особено „лош глас“ беше „Мортал комбат 3“, првата видео игра што користеше ФМВ (frame motion-caption video). Така, за разни борци во виртуелниот свет беа снимани вистински глумци пред „зелено платно“, кои подоцна компјутерски беа „заменувани“ со ликови од играта. МК3, како што популарно ја нарекуваа играта, дозволи и внесување „тајни“ кодови, кои додаваа реалистични сцени на крв и насилство. Поради ова, Мортал комбат 3 беше забранет или продажбата беше строго ограничена во многу земји, а медиумите во тоа време го користеа како „школски пример“ за лошото влијание на видеоигрите.

По 2000 година, со брзиот развој на компјутерскиот хардвер и графичките картички, играњето во мрежа или по пат на интернет (online gaming) стана исклучително популарно. Една од првите игри што ги искористија овие предности беше „Каунтер страјк“. Во играта играчот контролира виртуелен припадник на специјалните сили, кој заедно со своите „соборци“ се пресметува со „терористи“ преку различни мисии (во играта наречени мапи). Се разбира, во играта е можно и да се избира од голем број различни оружја, чие користење е верно ископирано.

Покрај „Каунтер страјк“, уште една исклучително популарна игра, како во светот, така и во овој регион, е „Гранд тефт ауто“, попозната како ГТА. Ова е т.н. опен ворлд-игра, каде што играчот може да извршува различни задачи, но и „слободно да истражува“. Играчот е ставен во улога на „член на банда“ во хипотетичкиот американски град Сан Андреас, а низ играта виртуелниот лик „напредува“ низ светот на криминалот извршувајќи различни задачи. Треба да се каже дека серијата ГТА е една од најуспешните и најпродавани видеоигри на сите времиња, а е достапна во различни верзии за компјутери, конзоли за игри, смартфони и таблети.

Исто така, во една од игрите во серијалот, ГТА IV од 2008 година, главен лик е Нико Белиќ, за кој се вели дека е „поранешен војник од Источна Европа, кој почнал да работи за руски криминален клан во САД“. Иако популарно се верува дека фиктивниот Белиќ е од српска националност, самиот продуцент на играта Сем Хаусер неколку пати потврди дека „Белиќ е учесник во војните во Источна Европа, но намерно е оставено нејасно од која националност е – може да е Русин, Србин или Хрват“.

Работата со децата е многу важна

Дејан Томиќ, ИТ-експерт и долгогодишен страстен гејмер, вели дека истражувањата веќе покажале дека игрите имаат мало влијание врз реалниот живот.

„Со децении во медиумите се пишува дека видеоигрите се штетни за младите. Се разбира, начинот на кој децата, особено најмладите, ги користат компјутерите, телефоните и интернетот мора да биде надгледуван од нивните родители. Во САД и Велика Британија беа спроведени многубројни истражувања и анкети на тема зли видеоигри и беше донесен заклучок дека тие многу малку или воопшто не влијаат врз формирањето на личноста кај децата, туку дека на тоа пред сѐ влијаат семејството и поблиската околина“, вели Томиќ.

д

„Токму на крајот на минатата година беше објавена голема студија на научници од Универзитетот Оксфорд, во која беа опфатени повеќе од 40.000 испитаници и која потврди дека видеоигрите речиси немаат ефект врз зголемувањето на насилството кај децата, а кај многу играчи од ранливите социјални групи дури и го зголемиле интересот за компјутерите, технологијата и програмирањето“, објаснува Томиќ.

Весна Маринковиќ Станковиќ, долгогодишен педагог и предавач, вели дека пристапот кон работата со децата во училиштата е исклучително важен.

„Од големо значење е наставникот да ги забележи проблемите што ученикот ги носи од дома. Пред сѐ, професорот е во постојан контакт со учениците, а со самото тоа не е тешко да се забележат промени во однесувањето“, вели Маринковиќ Станковиќ.

„Добриот ментор забележува сѐ, а јас лично водам индивидуална настава и во Ликовната работилница имам учесници што се таму од прво одделение до четврти клас средно училиште, па знам и кои им се родителите, бабите и дедовците, па дури и која им е крштеничката слава, а често знам многу работи што тие не им кажуваат ни на родителите. Тука некако тие се отвораат и растат, но пред сѐ се најважни довербата и отвореноста во комуникацијата. Учесниците ликовната работилница ја гледаат како втор дом и семејство, а за да се постигне тоа, многу е важно професорот лично да им биде пример“, додава Маринковиќ Станковиќ.

Вооружени до заби

Во меѓувреме беа објавени и податоци, кои ги цитираше организацијата ВПР, според кои Србија и Црна Гора се на самиот врв на Европа по бројот на пријавените оружја, додека Босна и Херцеговина е во првите 20 земји во светот во однос на бројот на оружја на 100 жители. Иако не постојат прецизни податоци, повеќето експерти сметаат дека во рацете на граѓаните во Србија има најмалку еден милион парчиња оружје, иако е извесно дека оваа бројка е многу поголема.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ во своето обраќање до јавноста по масовното убиство во белградското училиште најави усвојување низа мерки како проверка на сите дозволи за поседување оружје во Србија и измена на Законот за оружје.

Премиерката Ана Брнабиќ истакна дека „системот во овој случај не потфрлил“. „Какви мерки и да донесеме сега, а да беа веќе во сила, мислам дека немаше да го спречат тоа што се случи“, изјави таа.

Додека сѐ уште не се познати многу детали од трагедијата во белградското основно училиште, се случи ново масовно убиство. Недалеку од Младеновац, од автомобил во движење, 21-годишник уби осуммина, а рани 13 лица. Пукаше со автоматска пушка. Министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ го оцени тоа масовно убиство како „терористички чин“.

Извор: Ал џезира

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ