Чурлинов во интервју за „Спорт Билд“, не ја исклучи можноста да се врати во Шалке 04, за што најпознатите германски медиуми веќе објавија дека клубот работи на трансфер, многу извесно на едногодишен заем со опција за откуп идното лето, но допрва ќе треба да се најде заеднички јазик со Англичаните, ама и со Чурлинов околу неговата плата.
„Ако има нешто од Шалке и клубот сака да ме врати, тогаш ќе донесам одлука. Кога ја планирам кариерата, се потпирам многу и на мојата менаџерска агенција, која ми е како семејство. И ако ме советуваат дека тоа е добро, ќе го направам тоа. Шалке е клуб кој не заслужува да биде второлигаш и јас се надевам дека на крајот сепак ќе останат во Бундеслигата“, вели Чурлинов.
Македонскито репрезентативец лани со Шелке избори кам-бек во Бундеслигата, а сезонава Барнли славеше промоција, но тој придонесе само со 353 минути во 13 настапи, најмногу и поради двомесечната повреда на бутниот мускул од септември до ноември, а потоа и поради болест во новата година, иако Венсан Компани инсистираше да го донесе и новиот премиерлигаш ланското лето плати 3,5 милиони евра за да го откупи од Штутгарт.
„Барнли? Не беше лесно. Јас ја скинав тетивата 20 сантиметри после еден шут на тренинг. А, после тоа – ништо не одеше. Се борев за да се вратам, но сѐ уште ми треба да стигнам до вистинското ниво. Ќе ја искористам летната пауза за да се вратам на нивото на кое бев пред повредата“, додаде Чурлинов.