среда, 20 ноември 2024

Чие е аудито на Груби?

Објавено на

часот

Сподели

„Во СВР Скопје било пријавено дека околу 3.30 часот на улицата „Струмичка” настанал пожар во патничко возило ауди со скопски регистарски ознаки, сопственост и паркирано од Б.Л. (35) од Скопје. Пожарот бил изгаснат, повредени лица нема, а увид извршила увидна екипа на СВР Скопје“, информираа во саботата од МВР.

Неофицијално, се работи за Бекир Лимани, кој го паркирал возилото кое е во сопственост на правен субјект.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки за овој случај изјави: „Ако запаленото возило на Артан Груби не било во негова сопственост, туку се водело на име на фирма Еуроком или на комшијата, а Груби само го користел, тогаш кој е тој што дозволил на возило кое не е во сопственост на МВР или на друг државен орган, да се стават флешери и звучна сигнализација? Министре Спасовски, Вие ли одобривте да се стават флешери на приватно возило на фирма, кое според медиумите, но и според Крешник Бектеши и Бујар Османи е во сопственост на вицепремиерот? Зошто не ја кажете вистината? По кој закон, уредба или правилник е тоа направено? Уште колку такви возила со предимство на минување на име на приватни фирми или на комшии имаме во државата“, праша Ковачки.

За инцидентот со опожареното возило во скопската населба Чаир на својот фејсбук-профил Артан Груби најпрво им се извини на соседите и потврди дека приватно го користел аудито на соседот:

„Им се извинувам на сите мои соседи во мојата населба за големото вознемирување синоќа пред нашата зграда само поради мојата професија. Исто така, им се извинувам на мојот пријател и неговото семејство за предизвиканата штета само поради мојата професија. Во политиката сум за да служам и да оставам трага со работа и дела, а не да ми се тероризира семејството, соседите и пријателите”, напиша Груби.

Според „Фокус“, компанијата „Еуро ком лигхтинг“, фирма за осветлување со еден вработен, го купила хотелот на „Гранит“ на Попова Шапка за 55 илјади евра, непосредно пред градежниот гигант да го склучи вториот договор со ЈП за државни патишта на чело со Ејуп Рустеми од ДУИ за комплетирање на автопатската траса до Блаце од 2 километри.

За случајот се јави и Основното јавно обвинителство од каде соопштија дека ќе испитуваат дали јавен функционер уредно управувал возило на пријател, или пак се работи за скриен имот на функционер, што морал да го пријави во анкетниот лист до ДКСК. Јавен обвинител дал наредби и насоки за расчистување на настанот и за прибирање на доказите, за обезбедување на документацијата за начинот и времето на стекнување, сопственоста и користењето на возилото.

Реагираше и ВМРО-ДПМНЕ: „Која фирма и кој бизнисмен купува и му отстапува возило од 80.000 евра на политичар на услуга? Што е тоа што Груби го направил за фирмата и за тој бизнисмен за да добие на подарок користење ауди А6? Дали всушност Груби стои зад фирмата Еуроком лајтинг или тој е во одредени односи со истата и какви се тие односи? Кога приватна фирма дава услуга на политичар без надомест, во износ од 80.000 евра, очигледно е дека се работи за корупција. Институциите конечно да се охрабрат и да отворат постапка против Груби“, повика ВМРО-ДПМНЕ.

За прикривање на потеклото на несразмерно стекнат имот, во членот 359-а од Кривичниот законик пишува: Службено лице и одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое спротивно на законската должност за пријавување на имотната состојба дава лажни податоци за своите приходи, или кога ќе се утврди дека неговиот имот значително ги надминува неговите легални и пријавени за оданочување приходи ги прикрива неговите вистински извори, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години и со парична казна. (2) Имотот кој значително ги надминува приходите што ги остварува и пријавените за оданочување приходи за кои сторителот ги прикрива вистинските извори се одзема, а ако неговото одземање не е можно од сторителот се одзема друг имот што одговара на неговата вредност. Имотот се одзема и од трети лица на кои е пренесен без соодветен надоместок.

                                                                                                                                                                       А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ