Ова го соопшти народниот правобранител Насер Зибери кој денеска и утре е домаќин на Меѓународна конференција „Народните правобранители и националните институции за човекови права и животната средина“ која се организира во рамките на проектот „Зголемување на улогата на Народниот правобранител во еколошката правда“. Проектот е финансиран од Министерство за надворешни работи на Норвешка и се спроведува во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП и Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на ОН во Скопје.
На отворањето на конференцијата Зибери ги наведе трајните штетни последици од загадувањето на животната средина врз животот и здравјето на населението, поврзаноста на загадениот воздух со смртноста и предизвиците со кои човештвото се соочува во последните децении кога „природата жестоко го враќа ударот“ – зачестените природни непогоди: поплави, торнада и урагани, ефектите на т.н. стаклена градина, екстремните температури… Притоа посочи дека токму најголемите загадувачи на светот не ги потпишале глобалните документи за заштита на екологијата.
Омбудсманот порача дека мора да се најде баланс меѓу развојот и еколошката правда која, рече, е императив во овој век, затоа што „ако не се преземат соодветни мерки за климатските промени, тие ќе значат колективно умирање“.
Зибери изрази загриженост за состојбата со животната средина во земјава која „не оди во прилог на уставната заложба за гарантирање на правото на здрава животна средина утврдена во членот 43 од Уставот“.
„Нехуманата градежна експанзија, интензивното користење на минералните суровини, дивите депонии, горењето на насобраниот отпад од истите, неизградбата на регионалните депонии и соодветно собирање, транспортирање и третирање на отпадот, како и преголемото испуштање на штетните гасови во воздухот, веќе ни ја испорачаа сметката – жителите на главниот град Скопје дишат воздух во кој загаденоста е поголема неколку пати од дозволеното. Во слични околности живеат и жителите на Тетово, Струмица, Кочани и други градови. Нашите градови се на топ-листата на десет најзагадени градови во светот… Истражување на УНИЦЕФ покажа катастрофални резултати – дека секое десетто новородено дете во нашата земја како последица на смртта ја има нечистата животна средина“, рече народниот правобранител.
Начелниот став на Врховниот суд, потенцира Зибери, нѐ охрабрува дека работите ќе тргнат на подобро, затоа што тој начелен став ја обврзува државата да обезбеди здрава животна средина како една од гаранциите на нашиот Устав кон секој поединец.
Соопшти дека над половина од општините во земјава немаат ниту еден инспектор за животна средина и заклучи: „Тогаш за каква грижа може да зборуваме?!“. Апелираше и да се донесе нов закон за заштита на животната средина зашто актуелниот е од 2006 година, имал 24 пати измени оттогаш и, рече, „повеќе не е соодветна рамка за справување со овој проблем“.