четврток, 24 октомври 2024

Бројот на жртвите во домот за стари лица во Хрватска се качи на шест

Во домот за стар и изнемоштени лица во Дарувар во Хрватска маж со огнено оружје усмрти шест и рани шест лица, соопшти хрватската полиција.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Шефот на хрватската полиција Никола Милина кажа дека пет лица починале веднаш, а дека уште едно лице починало во болница. Осомничениот избегал од местото на настанот, но полицијата брзо го фатила во кафуле во близина на објектот.

Жртвите се пет штитеници на домот и една вработена, додаде Милина.

Регионалната телевизија Н1 јави дека уапсениот маж е роден во 1973 година и дека е поранешен полицаец кој учествувал во војната во Хрватска 1991-95 и роднина на еден од убиените штитеници на домот за стари лица.

Хрватските медиуми неофицијално јавија дека една од убиените е неговата мајка, која во последните десет години живеела во домот.

Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ преку социјалните мрежи им изрази сочувство на семејствата на настраданите.

„Дивјачкото, незапаметено злосторство во Дарувар ме шокираше. Тоа е застрашувачка опомена и последен повик до сите надлежни институции да направат повеќе за превенција на насилството во општеството, вклучувајќи поригорозна контрола на поседувањето оружје. Од полицијата и јавното обвинителство очекувам да спроведат темелна истрага за да се утврдат сите околности на ова злосторство и да се казнат одговорните“, порача Милановиќ.

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ на мрежата Икс им изрази сочувство на семејствата на настраданите.

„Згрозени сме од убиството на петте лица во Домот за постари во Дарувар. Им изразуваме сочувство на семејствата на настраданите и се надеваме на опоравување на ранетите. Очекувам надлежните тела да ги утврдат сите околности на страшното злосторство“, наведе тој.

Дарувар е град со 8.500 жители. Се наоѓа околу 130 километри источно од главниот град Загреб.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ