четврток, 28 ноември 2024

Бразилските власти ги истражуваат причините за авионската несреќа во која загинаа 61 патник и членови на екипажот (ВИДЕО)

Бразилските власти се обидуваат да утврдат што точно ја предизвикало авионската несреќа во државата Сао Паоло каде загинаа сите 61 лице во авионот.

Скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Авионот Воепас, двомоторен АТР 72, вчера летал кон меѓународниот аеродром во Сао Паоло со 57 патници и четворица членови на екипажот кога се урна во градот Вињедо.

Сликите снимени од очевидци покажаа дека авионот вртоглаво паѓа пред да удри во земјата во станбена зона на градот, при што се запалил при ударот. На теренот каде што паднал авионот немало повредени.

Врнеше дожд додека спасувачите ги извлекуваа првите тела од изгорениот авион.

Ова е најтешката авионска несреќа во светот од јануари 2023 година, кога 72 лица загинаа кога авион на Џети ерлајнс во Непал се урна при приближување кон земјиштето. И тој авион бил АТР 72, во конечниот извештај причината за несреќата е припишана на пилотска грешка.

Извештајот на метеоролошкиот центар на бразилската телевизија Глобо покажа дека постои можност за мраз во областа Вињедо, локалните медиуми цитираа експерти кои велат дека мразот е потенцијална причина за несреќата.

Но, бразилскиот експерт за воздухопловство Лито Суза предупреди дека само метеоролошките услови можеби не се доволни за да се објасни зошто авионот паднал.

Секретарот за јавна безбедност на Сао Паоло, Гиљермо Дерите, вчера изјави за новинарите дека црната кутија на авионот е пронајдена во зачувана состојба.

Директорот за операции во Воепас синоќа им изјави на новинарите дека иако имало прогнози за мраз, тоа било во рамки на прифатливи нивоа за авионот.

Други експерти велат дека е премногу рано да се утврди дали мразот ја предизвикал несреќата.

Тој авион е сертифициран во неколку земји за да може да лета во тешки услови на мраз, вклучително и во земја како Бразил каде што влијанието на мразот е позначајно, изјави потполковникот Карлос Енрике Балди од бразилскиот воздухопловен центар за истрага и спречување на авионски несреќи.

Претходните најави од Центарот укажуваат дека пилотите на авионот не побарале помош, ниту пак кажале дека летаат под неповолни временски услови. Нема докази дека пилотите се обиделе да контактираат со контролорите на регионалните аеродроми, изјави синоќа во Вињедо министерот за пристаништа и аеродроми Силвио Коста Фиљо.

Бразилската федерална полиција започна сопствена истрага, а француско-италијанскиот производител на авиони АТР соопшти дека е информиран за несреќата во која учествувал моделот АТР 72-500 и дека експертите на компанијата биле вклучени да помогнат во истрагата.

АТР 72 главно се користи за пократки летови. Производител на авионот е Ербас од Франција и Леонардо С.П.А од Италија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ