понеделник, 21 октомври 2024

Боки 13: Имам траен инвалидитет затоа не можам да бидам во затвор

Првообвинетиот во случајот „Меѓународен сојуз“, Бојан Јовановски – Боки 13, денеска се појави во Апелациониот суд во Скопје на седницата закажана во врска со предметот за кој Основниот кривичен суд Скопје го осуди на девет години затвор. Јовановски во моментот се брани од слобода, откако Кривичниот суд неодамна донесе одлука за прекин на издржувањето на казната затвор поради неговата лоша здравствена состојба.

Објавено на

часот

Сподели

Пред Апелациониот суд во Скопје, тој денеска изјави дека му била констатирана „интенстинална метаплазија“ на желудник и дел од тенките црева.

„Со оваа здравствена состојба не бев и не сум во состојба да бидам во затворот каде ја издржував казната на која бев правосилно осуден и поради тоа сум пуштен на домашно лекување односно на прекин на издржување казната затвор. Со себе носам цела терапија за да функционирам, покрај тоа што имам сериозен хигиено-диететски режим кој изискува посебна храна за да функционирам. Имам проблеми од органски карактер“, рече Јовановски.

Тој појасни дека нема физички проблем, туку станува збор за органско заболување. 

„Јас сум со траен инвалидитет, кој не е од физичка природа или со физички деформитет, туку станува збор за состојба која не може да се промени. Имам сериозна терапија која ја примам, сериозен и строг режим кој морам да го практикувам секој ден. Тоа не значи дека имам проблем со движење, но има моменти кога морам да мирувам, да се придржувам кон тоа“, рече Јовановски.

Судењето за „Меѓународен сојуз“ заврши на 7 април 2022 година. Судечкиот совет при Основниот Кривичен суд – Скопје определи вкупно 14 години затвор за обвинетите и тоа единствена казна затвор во траење од девет години на првообвинетиот Бојан Јовановски за измама и перење пари и други приноси од казниво дело.

Обвинетата Јасна Ерцеговиќ, исто така, е прогласена виновна за измама и перење пари и други приноси од казниво дело со што судот ја осуди на единствена казна затвор од четири години во која се смета и времето поминато во куќен притвор.

Судечкиот совет ги ослободи од обвинение за измама обвинетите Фросина Ташевска Ременски и Христина Блажевска, додека Блажевска, ја осуди само за перење пари и други приноси од казниво дело на казна затвор во траење од една година.

Судот на обвинетиот Миле Јовановски за кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи му утврди условна единствена казна затвор од две години која нема да се изврши ако обвинетиот во рок од пет години по правосилноста на пресудата не стори друго кривично дело.

Правното лице „Меѓународен сојуз“ судот го осуди со казна од еден милион денари. 

Во Апелациониот суд во Скопје во тек е јавната седница по однос на жалбите за пресудата на првостепениот суд.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ