недела, 20 октомври 2024

Билд објави наводен таен план на НАТО за судир со Русија

Германскиот весник Билд вчера објави проекција на НАТО за ескалација на конфликтот во 2025. Се наведува дека германската војска, Бундесверот, се подготвува за конфликт меѓу Русија и Северноатлантската алијанса. Билд пренесува делови од сценариото, изоставувајќи некои информации од безбедносни и стратегиски причини.

 

ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според германскиот медиум, тајното сценарио на Бундесверот, „Одбрана на Алијансата 2025“, почнува во февруари 2024. Русија почнува уште еден бран мобилизација и повикува дополнителни 200.000 луѓе во војската. Кремљ ја почнува офанзивата на пролет, зајакната од слабеењето на западната поддршка на Украина, а таа офанзива би можела да постигне голем успех до јуни 2024. Потоа сценариото предвидува најпрво скриени, а потоа сè поотворени руски напади кон Западот, вклучувајќи хакерски напади и користење други облици хибридно војување. Потоа Русија, според сценариото, ќе почне да хушка против етничките руски малцинства во Естонија, Летонија и Литванија.

Ќе почнат конфликти кои Русија ќе ги искористи како изговор од септември во западна Русија и Белорусија да почне голема воена вежба „Запад 2024“ со 50.000 војници, овој пат на границата со Полска и Литванија. Според тајниот документ, тогаш би можело да дојде до ескалација. Во октомври Русија би можела да премести трупи и ракети со среден дострел во Калининград, руската ексклава сместена меѓу Полска и Литванија.

Од декември 2024 би почнал вештачки предизвикан граничен конфликт и немири со бројни смртни случаи во областа на коридорот Сувалки, наведува Билд. За време на изборите во САД, Русија би можела да почне со инвазија на Полска.

Според сценариото, во јануари 2025 би се одржал специјален состанок на Советот на НАТО на кој Полска и балтичките држави би известиле за сè поголемата закана од Русија. Во март 2025 Русија би префрлила дополнителни трупи на Балтикот и во Белорусија.

Во мај 2025, според сценариото на Бундесверот, НАТО би се одлучил за „мерки за одвраќање“ за да се спречи напад на Сувалки од насока на Белорусија и Калининград.

На денот Икс, според тајната документација, врховниот командант на НАТО би наредил распоредување на 300.000 војници на источното крило, вклучувајќи 30.000 војници на Бундесверот. Сценариото завршува 30 дена по денот Икс, кога веќе повеќе од половина милион западни и руски војници се вооружени до заби. Не е јасно како ескалацијата би се одвивала понатаму.

Ова тајно сценарио го коментираше и портпаролката на министерството за надворешни работи на Русија Марија Захарова, потсмевајќи се со него и нарекувајќи го „минатогодишен хороскоп за риби во рак“.

Пренесувајќи ја оваа вест РИА Новости напоменува дека Русија „во повеќе наврати истакна дека не претставува закана за ниедна од земјите од НАТО, но дека нема да игнорира акции кои се потенцијално опасно по нејзините интереси“. Додаваат дека Русија е отворена за дијалог, но на рамноправно ниво и дека Западот мора да престане со милитаризација на континентот.

Фабијан Хофман од Нуклеарниот проект на Универзитетот во Осло, го коментираше можниот конфликт на Русија и НАТО на Икс. Смета дека НАТО е поблиску до војна отколку што се мисли.

„Примарната цел на Русија во војната со НАТО е ефикасно да управува со ескалацијата и што побрзо да ја заврши војната под услови кои се поволни за Русија“, смета тој.

Вели дека Русија во тој конфликт би користела ракети со долг дострел. „Русија би го проширила својот нуклеарен чадор над која било територија на НАТО која би успеала да ја освои“, вели Хофман.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ