петок, 18 октомври 2024

БиХ е дел од европската „кокаинска рута“

Полицијата во Босна и Херцеговина оваа година запленила 269 килограми кокаин, што потврдува дека таа земја е дел од европската „кокаинска рута“, но нејзините безбедносни агенции се во состојба таа рута да ја прекинат и да ја сопрат нелегалната трговија со наркотици, изјави министерот за безбедност на БиХ Ненад Нешиќ.

Објавено на

часот

Сподели

По состанокот со директорот на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) Дарко Ќулум, Нешиќ кажа дека добил детални информации за операциите за сузбивање на трговијата со наркотици и дека заплената од нешто помалку од 300 килограми кокаин во текот на годината е доволен доказ дека агенцијата во тоа постигнува добри резултати.

Запленетиот кокаин во БиХ стигнал преку пристаништата во Плоче и Копар, каде бил донесен со бродови од Јужна Америка. БиХ притоа е само транзитно подрачје за црниот пазар со наркотици и во неа останува само мал дел од шверцуваната стока, но безбедносните агенции планираат да спроведат мерки со кои и тоа би го спречиле, наведе министерот.

„Ние сме на кокаинската рута но спремни сме да ја сопреме и да ја пренасочиме на друго место“, кажа Нешиќ додавајќи дека неговото министерство комуницира со американската агенција за борба против трговијата со дрога ДЕА, која е спремна да им помогне на властите на БиХ во борбата со нелегалниот пазар на наркотици.

Нешиќ кажа дека покрај дрогата вториот најголем предизвик е шверцот со луѓе, односно шверцувањето мигранти. Од почетокот на годината во БиХ пристигнале повеќе од 30 илјади мигранти и сите тие во рок од седум до десет дена, колку што минуваат во БиХ, го продолжуваат патот кон западна Европа, а во тоа сè повеќе им помагаат организирани шверцерски групи составени од мигранти.

Нешиќ додаде и дека БиХ во овој момент е побезбедна од сите држави во опкружувањето, а заклучи дека проблемите ги создаваат само „неодговорните политичари“, кои тоа го прават за лична промоција и така предизвикуваат тензии во земјата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ