недела, 24 ноември 2024
Велигденски празнувања

Бигорскиот манастир повторно ги собра верниците од Балканот

Објавено на

часот

Сподели

Меѓу илјадинците верници беа и вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска и министерката за одбрана Славјанка Петровска. 

„Ден на сецело очистување и спасение блеска  со силна небесна светлост. Радоста на ангелите и небесната песна ги обзема земнородните. Човекот се сроди со Бога во нераскинлива заедница на љубов и слава. Празник на човечкото воскресение и отворање на вратите на вечноста. Нашата Бигорска Обител деновиве ни беше нашиот Ерусалим во кои се извршија најголемите настани за човечкото спасение, а круната на вечната победа – победата над смртта – беше вострубена од радоста на нашиот Старец и Игумен, Епископ г. Партениј, којашто се пренесе во секој присутен закопнеан по воскресение“, велат од Бигорскиот манастир. 

Во овој манастир, каде првпат пред 15 години беше донесен Благодатниот оган,  ја соопшти епископ Антаниски г. Партениј. Со пасхален восхит и восклик владиката Партениј беседеше за Воскресението како негов сведок, со зборови полни со благодат и сила. 

„Да се празнува Света Пасха, премин, Воскресение, значи да се учествува во „новата твар“ што со Своето сеславно Воскресение ја сотвори Спасителот на светот, нашиот Господ Исус Христос. Оти, Он дојде во светот, за одново да го пресоздаде светот, да го преобрази завладеаниот од смрт Адам и паднатото во грев човештво. „Исус од Назарет, Човекот посведочен од Бога со сили, чудеса и знаци, Кого смртта немаше сила да Го задржи“ (сп. Дела 2,22-24), стана за нас новиот Адам. Така, нашиот призив е да станеме и ние причесници и сотворци на новата твар во Воскресението, на новиот свет што Христос го покажа“, рече меѓу другото во својата беседа владиката.

Некој можеби, додаде, ќе ни противречи: „Ама, каков е тој нов свет, кога насекаде околу нас го гледаме токму спротивно од она за кое Исус говореше“. 

„Гледаме зло, војни, закоравени и закрвени уверувања, меѓусебно спротивни филозофии и фанатизам, страдања и смрт“. Меѓутоа, доколку добро се вгледаме во човечката историја, во личните животи на оние кои го избрале крстовоскресниот пат, во житијата на светиите, во срцата на охристовените личности, ќе забележиме и ќе констатираме дека Воскреснатиот навистина создаде еден нов свет, нова стварност чиешто градиво е благодатта, милоста и љубовта Божја. И токму во спротивставеноста со паднатиот свет „кој лежи во зло“ (1. Јован. 5,19), ние ја воочуваме реалноста на новата твар, на богосотворениот свет. Гледаме, имено, луѓе кои иако опкружени од злото избрале да бидат последователи на доброто; луѓе, кои, иако притеснети од тагата и меланхолијата на овој свет, славно се радуваат и ликуваат во светот на благодатта. Гледаме личности кои среде темнината на злото во овој век, блескаат со надумна светлина и убавина“, рече г. Партениј.

Манастирот е основан во 1020 година од монахот Јован Дебарски кој тогаш станал Охридски архиепископ. Посветен е на Крстителот Господов, Свети Јован, за кого самиот Господ Исус Христос рекол дека меѓу родените од жена нема поголем од него. Преживеал многу премрежија и голготи, како што беше и последната трагедија од 30 септември 2009 година, кога пламените јазици го пеплосаа Горни Палат. Но, секогаш се извишувал како феникс за да може да говори за постоењето на православието на овие простори.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ