петок, 25 октомври 2024

Бени Ганц поднесе оставка: Нетанјаху нè спречува да тргнеме кон вистинска победа

Членот на Воениот кабинет на Израел Бени Ганц, синоќа поднесе оставка, оставајќи ја десничарската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху без единствената центристичка сила, пишува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Нетанјаху нè спречува да тргнеме кон вистинска победа (во Газа)“, рече Ганц во телевизиско обраќање, наведувајќи дека одлуката да ја напушти владата била „комплексна и болна“, наведе Си-ен-ен.

„Затоа ја напуштаме владата за вонредна состојба со тешко срце, но со цело срце“, рече Ганц, главниот политички ривал на Нетанјаху, на кого претходно му најави дека ќе поднесе оставка доколку до 8 јуни не објави нов воен план против Хамас во Појасот Газа.

Истовремено, Ганц го повика премиерот Нетанјаху да одреди датум за предвремени избори, пишува Тајмс оф Израел.

„За да се обезбеди вистинска победа, би било соодветно да се одржат нови избори наесен, една година по катастрофата, што може да доведе до формирање влада која ќе ја има довербата на народот и ќе може да се соочи со предизвиците“, истакна Ганц.

Се очекуваше Ганц да поднесе оставка во саботата, но ја одложи одлуката по веста дека израелските сили ослободиле четворица заложници во воена операција во која, според официјални лица од Газа, загинале повеќе од 270 Палестинци.

Оставката на Ганц дојде и покрај тоа што Нетанјаху во саботата го повика да остане во владата за вонредни состојби, велејќи дека она што сега му треба на Израел е единство, а не поделба.

„Мораме да останеме обединети во пресрет на големи задачи. Го повикувам Бени Ганц да не ја напушта владата. Не се откажувајте од единството“, порача Нетанјаху на социјалните мрежи.

Одлуката на Ганц не ја става веднаш на ризик владата на Нетанјаху, бидејќи неговата партија не е дел од премиерската коалиција, која сè уште има мнозинство од 64 места во 120-члениот парламент.

Во Воениот кабинет, кој беше формиран по нападот на Хамас на 7 октомври минатата година, сега остануваат само претставници на партијата Ликуд на Нетанјаху.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ