сабота, 27 јули 2024

Ганц со ултиматум до Нетанјаху: Те гледам во очи и ти велам имаш време до 8 јуни

Израелскиот министер на воениот кабинет Бени Ганц се закани со оставка доколку Бенјамин Нетанјаху не го усвои договорениот план за Газа, ставајќи ја во прашање иднината на израелската влада. „Доколку Нетанјаху избере да ја води нацијата во бездна, ние ќе се повлечеме од владата, ќе се свртиме кон народот и ќе формираме влада што може да донесе вистинска победа“, рече Ганц.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ганц синоќа за време на прес-конференција најави дека неговата опозициска партија на Национално единство ќе се повлече од коалициската влада доколку планот за повоено управување со Газа не биде консолидиран и одобрен до 8 јуни.

Прес-конференцијата дојде само неколку часа откако Израелските одбранбени сили соопштија дека го пронашле телото на уште еден заложник, Рон Бенџамин (53), кој возел велосипед долж границата со Газа кога Хамас го започна својот напад на 7 октомври. Неговото тело беше пронајдено заедно со уште тројца заложници – Ицак Гелерентер, Шани Лук и Амит Бускиле – чии останки беа пронајдени во петокот.

„Личните и политичките причини почнаа да навлегуваат во најсветите делови на израелската одбрана“, изјави Ганц за новинарите. „Преминере Нетанјаху, вечерва те гледам во очи и ти кажувам: изборот е во твои раце“, рече Ганц. „Нетанјаху од пред десет години би ја направил вистинската работа. Дали сте подготвени да ја направите вистинската и патриотска работа денес? Израелскиот народ ве гледа“, додаде тој. „Мора да изберете помеѓу ционизам и цинизам, меѓу единство и фракционерство, меѓу одговорност и беззаконие – и помеѓу победа и катастрофа“.

Неговото заминување ќе го остави Нетанјаху, израелскиот премиер, уште позависен од екстремно десничарските сојузници кои зазедоа тврд став во преговорите за прекин на огнот и ослободување на заложниците. Воениот кабинет беше формиран само неколку дена по нападот на Хамас на 7 октомври. Ганц (64), генерал и поранешен министер за одбрана, влезе во владата како министер без ресор. Неговата партија е всушност опозициска партија и според анкетите моментално е далеку пред партијата Ликуд на Нетанјаху.

Ганц бара усвојување на план од шест точки, кој вклучува демилитаризација на Газа и формирање на заедничка американска, европска, арапска и палестинска администрација која ќе управува со цивилните работи во Газа и враќање на заложниците.

Кабинетот на израелскиот премиер ја отфрли заканата на Бени Ганц дека ќе ја напушти владата, велејќи дека ултиматумот што тој го постави за воениот план против Хамас ќе му наштети на Израел.

„Условите поставени од Бени Ганц се празни зборови чие значење е јасно: крај на војната и пораз на Израел, напуштање на повеќето заложници, оставање на Хамас недопрен и формирање на палестинска држава“, соопшти канцеларијата на Нетанјаху. „Премиерот Нетанјаху верува дека вонредната влада е важна за да се постигнат сите цели на војната, вклучително и враќањето на сите наши заложници, и очекува Ганц да ги разјасни своите ставови за овие прашања на јавноста“, се вели во соопштението.

Израелските воени сили и тенкови вчера навлегоа подлабоко во делови од северниот округ на Појасот Газа кои претходно ги заобиколија во изминатата седуммесечна војна, убивајќи и ранувајќи десетици Палестинци, соопштија жителите и медицинскиот персонал.

Израелските воени сили окупираа и некои области на Рафа, јужен град долж границата со Египет, во моментов полн со раселени жители од Појасот Газа. Израел повторно нападна делови од северна Газа овој месец, иако во јануари прогласи крај на големите операции таму. Истовремено, израелските сили најавија дека ќе се вратат таму за да спречат прегрупирање на палестинската исламистичка група која владее со Газа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ