Пожарот, кој избувна завчера, денеска го гаснат екипи на ЈП ПШС „Беласица“ од Струмица со три теренски возила и 15 вработени.
Според заменик директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов пожарот на Беласица во текот на ноќта се префрлил на источната страна од која беше обезбеден и се шири.
„ Морам да потенцирам дека освен екипите на ЈП „Македонски Шуми” денеска на лице место нема никој друг и покрај тоа што преку 112 од страна на нашите екипи кои се на терен е побарана помош од ТППЕ Струмица, а повратно им било пренесено дека поради расипана пумпа на некое возило не биле во можност да пратат екипи на терен“, објави Михаилов на својот фејсбук-профил.
На објавата на Михаилов реагираа од ТППЕ Струмица.
„ Денеска по социјалните мрежи излезе соопштение од заменик директорот на Национални шуми, Кире Михаилов дека тие се единствените сили на Беласица и дека од наша страна не им е испратено теренско возило. Возилото кое е побарано е во дефект, пумпата е испратена во Скопје на сервис. Едно прашање: каде бевте цела сезона, каде сте и сега. Со која опрема, со кои средства го гасите овој пожар. Со гранки? Ние не се бориме за популизам, туку нашите дела стојат зад нас. Социјалните мрежи не се место за препукување и збирање гол популизам, отворени сме во секое време за соработка и отстранување на сите недостатоци“, се наведува во реакцијата на струмичките пожарникари, кои додаваат дека досега интервенирале 700 пати, од кои 80 отсто од интервенциите се на пожари на отворено.
Инаку, според информацијата од Михаилов досега во пожарот на планината Беласица се изгорени над 50 хектари високостебклеста шума со бука и костен.