среда, 23 октомври 2024

Бајден ѝ се обрати на нацијата: Америка ќе треба да избере (ВИДЕО)

Американскиот претседател Џо Бајден ѝ се обрати на јавноста од Белата куќа за да објасни зошто се откажал од кандидатурата за втор мандат три месеци пред изборите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ова е прво обраќање на Бајден до нацијата откако во неделата на социјалните мрежи објави дека се откажува од трката за Белата куќа и за свој наследник ја поддржува потпретседателката Камала Харис. Исто така, ова е негово четврто обраќање во живо од Овалната соба откако ја презеде функцијата претседател.

Во својот говор, Бајден ги истакна своите достигнувања во изминатите три и пол години, објасни зошто Харис би била добар претседател и предупреди на ризиците што би ги претставувал вториот мандат на Трамп, без да го спомене неговото име. Како главна причина за повлекувањето наведе дека, како што рече, е загрозена демократијата.

„Ми беше чест да служам. Претседателите не се кралеви. Длабоко ја почитувам оваа канцеларија, но уште повеќе ја сакам својата земја. Ми беше животна чест да ви служам како претседател. Но, во одбраната на демократијата, која е загрозена, мислам дека тоа е поважно од која било титула. Не се работи за мене, се работи за вас, за вашите семејства, за иднината. За народот. Тоа никогаш не смееме да го заборавиме, јас не го заборавив“, рече тој на почетокот.

„Реков дека верувам дека Америка е на пресвртница, во оној редок момент во историјата кога одлуките што ги носиме ја одредуваат судбината на нашата нација и светот во децениите што доаѓаат. Америка ќе треба да избере дали ќе оди напред или назад. Помеѓу надежта и омразата, меѓу единството и поделбите. Мора да одлучиме дали сè уште веруваме во искреност, чесност, почит, слобода и демократија“, рече тој.

„Ве познавам вас, американскиот народ. Ние сме голема нација затоа што сме добри луѓе. Кога ме избравте, ви ветив дека секогаш ќе ја кажувам вистината. Таа е поголема од сите нас. Мораме да се обединиме за да ја заштитиме“, рече тој.

Бајден рече дека во изминатите недели му станало јасно дека мора да ја обедини својата партија.

„Верувам дека моите резултати како претседател, моето лидерство во светот, мојата визија за иднината на Америка се основа за втор мандат. Но, ништо не треба да застане на патот во одбраната на нашата демократија. Ова ги вклучува личните амбиции. Решив дека најдобриот начин е да се предаде палката на новата генерација. Тоа е најдобриот начин за обединување на нацијата. Време е и место за нови, свежи, помлади гласови“.

„Следните шест месеци ќе бидам фокусиран на моите должности како претседател. Ќе ги намалам трошоците за живот на нашите вредни семејства, ќе го стимулирам растот на нашата економија, ќе ги зајакнам личните слободи и права – од правото на глас до правото на избор, ќе ја осудувам омразата и екстремизмот. Во Америка нема место за политичко насилство или каков било вид насилство“, рече тој.

Тој рече дека ќе ги заштити децата од насилство, од оружје, од климатски промени, ќе се бори против ракот „бидејќи можеме да ставиме крај на ракот каков што го знаеме“ и ќе побара реформа на Врховниот суд „бидејќи тоа е клучно за демократијата“.

„Ќе продолжам да работам за Америка да остане силна, безбедна и да остане лидер на слободниот свет. Јас сум првиот претседател во овој век кој може да им каже на луѓето дека Америка не е во војна никаде во светот. Ќе продолжиме да собираме коалиција на горди земји за да го спречиме Путин да ја окупира Украина и да направи повеќе штета. Ќе го направиме НАТО посилно и пообединето од кога било во историјата“, додаде тој.

Тој додава дека ќе работи и на завршување на војната во Газа.

Тој вели дека САД денес ја имаат најсилната економија во светот, со рекорден број работни места. „Повторно го предводиме светот во чипови, наука и иновации“, вели тој.

„Се кандидирав пред четири години затоа што верував, и сè уште верувам, дека душата на Америка е загрозена, дека е загрозена самата основа на тоа кои сме ние. Тоа е сè уште случај. Америка е идеја, посилна од кој било арсенал, поголема од кој било океан, посилна од кој било диктатор или тиранин. Тоа е најмоќната идеја во историјата на светот, идејата дека сите сме создадени еднакви и имаме право на живот, слобода, потрага по среќа…Тоа е идеја која никогаш целосно не заживеа, но никогаш не се откажавме од неа и верувам дека нема да се откажеме ниту сега“, рече тој.

Тој ја поддржа Камала Харис за иден претседател. „Го избрав мојот пат, кажав кои се моите ставови. Сакам да ѝ се заблагодарам на нашата голема потпретседателка Камала Харис. Таа е искусна, силна и способна. Таа беше неверојатен партнер за мене и лидер за нашата земја. Изборот сега зависи од вас, американскиот народ“, рече тој.

„Привилегија на мојот живот беше да ѝ служам на оваа нација 50 години. Никаде на друго место на Земјата не може дете кое пелтечи од Скрентон, Пенсилванија, еден ден да седне во Овалната соба како претседател на Соединетите Држави. Но, еве ме, и затоа Америка е толку посебна“, рече тој и додаде дека Америка е земја на шанси и можности. Тој рече дека е исклучително благодарен на граѓаните на САД.

„На нашата нација ѝ го дадов срцето и душата, како и многу други. Милион пати сум благословен од љубовта и поддршката на американскиот народ. Се надевам дека знаете барем донекаде колку сум ви благодарен. Во Америка не владеат кралеви, владеат граѓаните. Историјата е во вашите раце, идејата за Америка лежи во вашите раце. Задржете ја верата и запомнете кои сме. Зачувајте ја демократијата“, порача Бајден на крајот.

Бајден се повлече од јавноста минатата недела кога се зарази со коронавирус и отиде во самоизолација во својата приватна резиденција во државата Делавер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ