сабота, 19 октомври 2024

Азески: Во Македонија постојат три диспаритети, развоен буџет нема 32 години

Треба да продолжи континуитетот на правната проблематика за време на владеењето на една власт, а дали ќе се злоупотреби, е друго прашање и за тоа треба да постојат институции што ќе го санкционираат, рече денеска претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески во врска со вчерашната најава на премиерот Христијан Мицкоски, дека на следната владина седница, во среда, ќе се формира ад-хок тело кое ќе испитува „како претходната влада поделила 100 милиони евра без критериуми за наводна поддршка на компаниите во време на ковид кризата“. Азески соопшти дека Мицкоски в четврток ќе дојде на средба во Комората на разговор за заемот од Унгарија. Тој уште кажа дека Стопанската комора сака средба со синдикатите на која ќе ги соочи аргументите за „недела неработен ден“.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Како што истакна Азески одговорајќи на новинарско прашање, ставот на Комората во однос на криминалот, корупцијата и сивата економија, е толеранција нула.

„Ова е политичко прашање. Македонија има три диспаритети. Едниот е меѓу капиталот и трудот. Капиталот, односно сопствениците, мислат дека работниците не работат доволно, обратно, тие мислат дека не се доволно платени и тоа егзистира. Второто е, диспаритетот меѓу активното и издржуваното население за кое сите знаеме како се рефлектира, ја одржува сивата економија на високо ниво. Трето прашање, значи дека треба да продолжи континуитетот на правната проблематика и правните прашања за време на владеењето на една власт, а дали ќе се злоупотреби, тоа е друго прашање. И за тоа треба да постојат институции што тоа ќе го санкционираат. Ставот на Стопанската комора во однос на прашањето за криминалот, корупцијата и сивата економија, е толеранција нула“, рече Азески кој претходно имаше работен состанок со министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Во врска со ребалансот што го објави Владата, Азески кусо одговори дека развоен Буџет сме немале од 1992 година.

„Развоен Буџет немаме видено од 1992 година и тука мислам дека е излишна секаква дискусија“, нагласи претседателот на Комората.

Азески соопшти дека Мицкоски в четврток ќе дојде на средба во Комората на разговор за заемот од Унгарија.

„Фирмите ќе посегнат по парите што се со помала камата, тоа е нормално, но така ќе креираме само моментно решение на ситуацијата. Мора сѐ да оди во пакет, и да се обезбедат средства за поддршка на бизнисот, но и да се решат сите горливи прашања на кои постојано укажуваме. На тој начин ќе креираме квалитетен деловен амбиент во кој државата ќе има регулаторната функција, а бизнисот ќе води рамноправен натпревар на терен, без нејзино мешање“, истакна Азески во врска со унгарските 250 милиони евра што како поддршка треба да ги добијат компаниите.

Комората, како што напомена, бара тие пари да бидат достапни по прифатливи услови. Притоа, нагласи, предност треба да се даде на развојот на извозот, иновативноста и продуктивноста зашто тоа би било, рече тој, чекор напред.

Одгoворајќи на новинарско прашање, Азески потенцира дека е клучно да се најде начин со кој капиталните инвестиции нема да може без согласност на бизнис заедницата да се пренаменуваат во социјални трансфери на крајот на годината, како и ако се прави ревизија на договорот со Бехтел и Енка да се вклучат што повеќе македонски компании во неговата реализација.

„Нас не нѐ интересира ништо друго, освен да дојдеме до свеж капитал, до разни алатки што ќе ги надополнат инвестициските активности, но тоа прашање не треба да се селектира, туку треба да биде поставено во пакет што ќе значи подобрување на општиот деловен амбиент кај понудата која е многу значајна за развој на иновативноста, ефикасноста и извозот кои, пак, се алфа и омега за опстанок на државата. Последното прашање е, да ги елиминираме сите прашања што ги наметнуваше бизнис заедницата во изминативе 10 години, а не беа разрешени. И наместо да правиме десетгодишна панихида, конечно да ги решиме. Мислам на Законот за извршување, на парафискалните давачки, на прашањата врзани за холдингот, за регулаторната гилотиња, недела неработен ден. Мислам и на прашањата врзани за многуте неработни денови што создаваат проблем во работењето на компаниите. Тоа се за нас прашања што треба сериозно да бидат наметнати и земени како пакет. Поединечно гледано, нема да создадеме подобар амбиент, ќе создадеме решавање на моментална ситуација во која фирмите ќе посегнат по парите што се со помала камата, што е и нормално, не да видиме амбиент во кој државата ќе ја има регулаторната функција, а бизнисот ќе води рамноправен натпревар на терен, без мешање на државата и на тој начин ќе овозможи поинаква ситуација на новосоздадени вредности“, порача Азески.

Според него, единствено зголемувањето на извозот преку зголемување на конкурентноста и продуктивноста може да доведе до напредок на државата.

„Ние бевме задолжени да ги предложиме критериумите по кои ќе се прави тоа и ја известивме Владата за тоа, нашата заложба е еднаква на оние стратегии што долги години Комората ги има и презентира во јавноста – зголемување на извозот преку зголемување на конкурентноста и продуктивноста е единственото нешто што може да доведе до напредок на државата. Тоа значи дека сите треба малку да подработиме на тоа да се намалат трошењата и со тоа да се намалат цените, да бидат конкурентни тие производи зашто тие пари што ние ги имаме земено досега некој треба да ги враќа, а министерката рече дека ќе си одат младите и ако им понудиш пари што се помалку од таму каде што одат, тука патриотизам и љубов нема. За интереси никој не може да задржи никого. Ние ќе ги задржиме ако создадеме услови подобри од таму каде што одат. Така што, за мене тоа прашање е разјаснето. Се работи за пазарни услови под еднакви можности за секого“,  рече претседателот на Комората.

Тој уште кажа дека Стопанската комора сака средба со синдикатите на која ќе ги соочи аргументите за „недела неработен ден“.

Како што рече Азески, секој закон од системски карактер треба да се анализира по шест месеци или една година, за да се види дали треба да се корегира или сосема да се менува.

Комората останува на ставот дека не треба да се носат ад-хок решенија, без да се види како тие ќе влијаат врз работењето на фирмите.

„Би сакал да се видам со синдикатите, бидејќи не се дојдени тука. Мислам дека е време да седнеме и со нив да поразговараме. Ние за тоа имаме свои аргументи, ги изнесовме јасно. Тоа беше и на Уставен суд. Значи, ние зборуваме дека за секој закон од системски карактер по шест месеци или година дена, треба анализа која ќе покаже што треба да се корегира или сосема да се менува. Јас тврдам дека анализа за овие закони за кои зборувам не е направена, а тие директно чепкаат во џебот на бизнисот, наместо да ги регулираат односите меѓу нас“, напомена Азески, одговорајќи на новинарски прашања по средбата со министерката за образование Весна Јаневска.

Тој претходно укажа дека е неопходно да се разрешат сите прашања кои му создаваат проблем во работењето на бизнисот. Притоа ги посочи законите за извршување, парафискалните давачки, холдингот, регулаторната гилотиња, „недела неработен ден“, како и прашањата врзани за многуте неработни денови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ