петок, 19 јули 2024

Арктикот до 2030-тите би можел лете да остане без морскиот мраз

Објавено на

часот

Сподели

Според најновото истражување што е објавено денеска во списанието Нејчр комјуникејшнс, арктичкиот морски мраз би можело веќе во 2030-тите потполно да исчезне во текот на септември. Дури и ако значително ги намалиме емисиите на стаклените гасови, специјалистите сметаат дека Арктикот до 2050-тите би можел да го изгуби мразот во текот на летните месеци.   

Научниците ги анализираа промените на нивото на мразот од 1979 до 2019 година, споредувајќи различни сателитски податоци и климатски модели. Тие открија дека намалувањето на морскиот мраз главно е резултат на загадувањето што ја загрева планетата и дека претходните модели ги потцениле трендовите на топењето на ледената покривка на Арктикот.  

„Бевме изненадени кога сфативме дека Арктикот ќе остане без мраз во текот на летото дури и ако направиме нешто за намалување на емисиите на стаклените гасови“, кажа за Си-ен-ен климатологот Сунг Ки Мин од Универзитетот за наука и технологија Поханг во Јужна Кореја.  

Арктичкиот мраз се насобира во текот на зимата, а потоа се топи во летото. Во септември обично го достигнува најниското ниво, за подоцна, при настапувањето на постудено време, циклусот повторно на почне. Но, ако во текот на летото повеќе нема да има мраз, и во зимата тој поспоро ќе се насобира.  

Во случај да се зголемат штетните емисии и дополнително да се забрза глобалното загревање, Мин смета дека Арктикот до 2080 година би можело да остане без мраз сè до крајот на октомври.

Резултатите од ова истражување не се во согласност со извештајот на Меѓународниот панел за климатските промени на Обединетите нации од 2021 година, во кој се наведува дека Арктикот ќе биде „практично без мраз околу средината на векот во случај на сценарија на средни и високи емисии на стаклени гасови“. „Нашата студија покажува дека тоа би можело да се случи 10 години порано, без оглед на сценаријата на емисијата“, рече Мин.  

Во текот на минатите неколку децении Арктикот се загреваше четири пати побрзо од остатокот на светот, покажа истражување од 2022 година. Арктикот без летниот морски мраз би предизвикал страшни последици во целиот свет. Имено, белиот мраз ја одбива сончевата енергија. Кога тој ќе се стопи, се појавува потемниот океан кој апсорбира повеќе топлина, што пак предизвикува дополнително загревање.  

Намалувањето на нивото на морскиот мраз исто така може да влијае на глобалната клима. „Со оглед на претпоставката дека загревањето на Арктикот носи временски екстреми како што се топлотните бранови, шумските пожари и поплавите во северните географски широчини, пораното потполно исчезнување на мразот за време на летото би можело да ги поттикне екстремните настани побрзо отколку што сме предвиделе“, рече Мин.   

Исто така, Арктикот без мраз би можел да доведе до пораст на комерцијалниот поморски промет поради отворањето нови рути, а според минатогодишниот извештај за Арктикот на американската Национална агенција за истражување на океанот и атмосферата,   порастот на бродскиот промет би довел до поголеми емисии и загадување во регионот.    

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ