недела, 20 октомври 2024

Аргентина се бори со шумски пожари за време на интензивен топлотен бран (ВИДЕО)

Десетици луѓе се евакуирани во вторникот од своите домови во централната аргентинска провинција Кордоба поради страшен пожар предизвикан од силниот топлотен бран.

Објавено на

часот

Сподели

Фотографиите и видеата од областа покажуваат огромен пламен на ридовите кои ги опкружуваат населените места додека пожарникари работат на локализирање на пламенот што стигна до некои домови во регионот. Сѐ уште не е јасно колку куќи се зафатени од пламенот.

Во гаснењето на пожарот се ангажирани вкупно 960 пожарникари со осум противпожарни авиони и два хеликоптери, соопшти во вторникот вечерта покраинската влада. Локалните медиуми објавија дека десетици луѓе се евакуирани, пренесува АП.

Имаше надеж дека очекуваните дождови можат да помогнат во смирување на пожарите кои брзо се шират поради силниот ветер.

„Го повикувам населението да ги почитува инструкциите на пожарникарите и властите кои работат во погодените области“, напиша гувернерот на Кордоба Хуан Скиарети на социјалните мрежи. „Најважно е да се спасат животи, секаде каде што е неопходна евакуација, тоа ќе се направи“.

Според аргентинската Национална служба за управување со пожари, во вторникот имало пет активни шумски пожари во регионот.

Улисес Ксарате (27) е уапсен и обвинет за подметнување пожар во понеделникот попладне во област во близина на градот Вила Карлос Паз во покраинскиот регион Пунила, објавија локалните медиуми, цитирајќи ја обвинителката Хорхелина Гомез.

Наводно, Ксарате на полицијата ѝ рекол дека запалил логорски оган за да свари кафе и изгубил контрола над пламенот поради силниот ветер.

Покраинската влада соопшти дека испратила камиони со вода за пиење, храна, душеци и ќебиња во погодените области.

„Бараме превентивните мерки да се преземат во најголема мера, бидејќи временските услови се неповолни“, напиша на социјалните мрежи министерот за безбедност на Кордоба, Хулијан Лопез.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ